Влада: Нова траса за гасоводот низ Водно не е возможна

Владата на РМ одговори на барањето на повеќе еколошки организации, кои се разочарани заради продолжувањето на работата на Водно за гасоводна траса кон западна Македонија.

Велат, на Водно моментално не се работи, нова траса не е возможна, а старата ќе биде стеснета и видоизменета:

,,Владата на Република Македонија постојано ги следи реакциите на граѓанските организации и токму поради тоа, преку надлежните институции, се пристапи кон планирање нова траса за гасоводот кој поминува преку Водно, со цел обезбедување реализација на овој еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.

МЕР АД Скопје, изработи предлог на нова траса, со која значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно – со новиот предлог, опфатот на интервенција врз дрвна маса се намалува од 3000 кубни метри на околу 1400 метри кубни. Дополнително, трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса. Новата траса беше јавно разгледувана и дефинирана од страна на претставници на институциите.

Во овој момент нема градежни активности на Водно, а механизацијата е присутна на локацијата веќе четири месеци. Во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата, со цел обезбедување нова траса со која ќе се обезбеди максимална заштита на животната средина. Во наредниот период планирани се активности во деловите каде не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина.

Новата траса ќе предизвика поголеми трошоци, но по таа цена ќе се обезбеди најмала можна штета врз животната средина. Како компензација на оштетената вегетација, ќе се засади нова, во неколкукратно поголеми количини, ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка, а ќе се пошуми и јужната страна.

Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на  дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина.

Гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“-се вели во соопштението..