Со церемонија со највисоки државни почести, денеска пред Владата на Република Северна Македонија, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев му посака добредојде во официјална посета на нашата земја на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој пристигна со амбасадорите на земјите членки на алијансата од Северноатлантскиот Совет.

Премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг, заедно со високите претставници на секретаријатот на НАТО и со членовите на Владата на РСМ Радмила Шекеринска Јанковска, Заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија и Министер за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски интеграции, Никола Димитров, Министер за надворешни работи, како и советниците за соработка со НАТО, за безбедност и за надворешни работи во Кабинетот на Претседателот на Владата, одржаа билатерална средба.

На средбата беше заеднички заклучено дека одржувањето на состанокот на Северноатлантскиот Совет во главниот град на Северна Македонија е огромно признание и охрабрување на земјата за нејзиниот пат во евро-атлантските интеграции кој треба да заврши наскоро со полноправно членство и со отворени перспективи за општествено-економскиот развој на земјата.