Во петок, 24-ти мај 2019 година во Подгорица се одржа првата заедничка седница на Владата на Црна Гора и Владата на Република Северна Македонија. Ова е прва заедничка седница на владите на двете држави и воедно прва која се организира во Црна Гора. 

Делегацијата на Република Северна Македонија ја предводеше претседателот на Владата Зоран Заев, а во работата на седницата учествуваа: потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за животна средина Садула Дураки, заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. 

Претседателот на Владата Душко Марковиќ ја предводеше делегацијата на Црна Гора, која ја претставуваа и: потпретседателот на Владата за економска политика и финансиски систем и министер за земјоделство и рурален развој Милутин Симовиќ, министерот за одбрана Предраг Бошковиќ, министерот за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ, министерот за туризам и одржлив развој Павле Радуловиќ, министерот за здравство Кенан Храповиќ, министерката за економија Драгица Секулиќ, министерот за сообраќај и поморство Осман Нурковиќ, државниот секретар на  Министерството за надворешни работи Зоран Јанковиќ и генералната секретарка на Владата Наташа Пешиќ.    

Двете влади заклучија дека односите на Црна Гора и Република Северна Македонија се добри и се темелат на принципите на пријателство, отвореност и доверба. Фактот дека меѓу двете земји нема отворени прашања на политичка основа овозможува неограничен простор за јакнење на врските во сите области од заеднички интерес. 

Констатиран е висок степен на синхронизираност по прашањата на досегашните и идните надворешно-политички активности, земајќи ја во предвид комплементарноста на надворешната политика и недвосмислената определеност на Република Северна Македонија и Црна Гора за членство во ЕУ и НАТО. Во таа смисла изразено е задоволство со меѓусебната соработка и визијата во поглед на европските и евроатланските перспективи на двете држави.