ВМРО ДПМНЕ:Владиниот систем за информирање во време на ВМРО ДПМНЕ беше многу поефикасен од сегашниот

Енергично и во целост ги отфрламе сите небулози, лаги и конструкции кои се истакнати на денешниот брифинг на владата, а кои се однесуваат на наводно несоодветно функционирање на владиниот систем за односи со јавноста во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт,-реагираат од оваа партија.

,,Одговорно тврдиме дека владиниот систем за односи со јавност во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше далеку потранспарентен, поефикасен и поефективен, отколку што е во моментот системот за односи со јавност кој е предводен од пренатрупаната и гломазна машинерија на СДС.

Владината служба за односи со јавност во времето на ВМРО-ДПМНЕ и тоа преку премиерот, министрите и портпаролите во поголем обем и мера информираше за владините мерки, политики и точките на дневен ред кои се разгледуваа на владините седници отколку што тоа се прави во моментот кога се глуми квази транспарентност со објавување на најчесто неколку точки од дневниот ред кои се разгледуваат на владина седница во првите три до пет минути од седницата и тоа на секому кој е дел од медиумската сцена му е кристално јасно.

Исто како што на секој упатен му е совршено јасно дека денешната работа која ја извршуваат над 40 лица од гломазната и тромава служба за односи со јавност на владата на СДС, порано кога ВМРО-ДПМНЕ беше во владата беше во најголем број на случаи реализирана од само три лица кои по инсталирањето на СДС во владата ги напуштија своите позиции согласно своите политички убедувања.

Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, речиси секојдневно премиерот ги соопштуваше политиките и мерките и одговараше на десетици прашања од новинарите, исто како и портпаролите на Владата, исто како и министрите кои транспарентно информираа за политиките од нивниот ресор на јавни настани. Се разбира дека во некои случаи и најчесто од објективни причини не бевме во можност да одговориме на баш секое прашање за што се надеваме на разбирање од страна на новинарите, но дека одговаравме на значително поголем број на прашања од интерес на новинарите во споредба со денеска е факт кој никој не може да го негира. И тоа одговаравме и во работни и во неработни денови, во било кое време од денот, што според информации кои ние ги имаме од релевантни новинари не е случај и денеска.

На крај би додале дека никој, ама баш никој од службите за односи со јавност во Владата и во министерствата додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт не работел под некаква наводна присила или бил манипулиран, напротив лицата кои на било кој начин имале улога во односите со јавноста тоа го правеле со голем ентузијазам и елан како и јавно декларирање на воодушевеност од политиките кои се преземаа од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа одговорно го тврдиме.

Се надеваме дека во иднина СДС ќе го промени овој стил на однесување и политичката борба наместо со квази брифинзи полни со небулози, лаги и конструкции, ќе ја води на достоинствен начин како борба на политички идеи и однесување базирано на вистината“-се вели во соопштението.