ВМРО ДПМНЕ:Дали уапсениот советник беше линк со криминалните структури со кои се сликаше Спасовски?

,,Министерството за внатрешни работи наместо да се бори со криминалот и корупцијата, стана дувло кое служи за собирање изнуда, поткуп и заштита на криминалот.

Вината за нападите врз полициските службеници се префрла врз пајаците, а најблиските соработници на министерот Оливер Спасовски собираат поткуп по државата.

Јавноста ја интересираат одговорите од кого и за кого собирал пари соработникот на Оливер Спасовски? Дали тој бил линк со одредени криминални структури со кои што Оливер Спасовски се фотографираше во предизборниот период? Дали заради тоа соработникот на Оливер Спасовски како човек од доверба беше номиниран во повеќе комисии во Министерството за внатрешни работи?“-реагира ВМРО ДПМНЕ

 

,,Факт е дека своето учество во таканаречената шарена револуција и работењето за СДСМ, приведениот близок соработник на Оливер Спасовски, добро си го капитализираше.

Приведениот, беше еден од 15-те кадровски решенија согласно договорот од Пржино кои тогашната опозиција ги предложи за функции во МВР. Оливер Спасовски си го назначи осомничениот за началник на Секторот за прикриени операции, посебни истражни мерки и заштита на сведоци.

Корумпираниот соработник ја доби целосната поддршка од Оливер Спасовски да ја врши пресметката и со сите професионалци во министерството кои не сакаат да ја спроведуваат партиската агенда на СДСМ. Според информациите кои кружат во јавноста, истиот бил назначен за претседател на дисциплинска комисија во МВР.

Со последниот случај станува јасно зошто МВР е паднато толку ниско на ниво кое што се наоѓа сега. Луѓе со сомнителен морал, само заради партиски заслуги се поставуваат да делат политичка правда и да се пресметуваат со сите оние кои чесно си ја вршат својата функцијата. Се поставува прашањето на мотивите и издржаноста на сите дејствија кои досега ги преземал осомничениот.

Овој скандал во МВР не смее да заврши како скандалот со пајакот. Одговори и одговорност мора да има.

Уште колку случаи на земање поткуп се сторени претходно, а полицијата замижувала? Кој го штител досега и за кого ги собирал парите?

Одговорност мора да има и за соработникот, но и за сите оние кои му чувале грб и му давале позиции од кои што може да прави вакви дела“-рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ.