ВМРО ДПМНЕ бара увид во договорот што треба да се потпише со Софија

,,ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што Заев договорил при посетата на Софија.

Македонскиот народ бара увид во содржината на договорот која што Заев се согласил да ја потпише.

Ваквите теми кои задираат во идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес ниту на Зоран Заев, ниту на СДС. Овие теми се надпартиски.

За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања“-изјави на прес конференција Трајко Вељановски.

,,ВМРО-ДПМНЕ се залагало и ќе се залага за добрососедски односи кои подразбираат взаемно почитување и поддржување. Истиот овој став сме го имале и ќе го имаме и кон Бугарија и кон Грција и кон останатите соседи.

Сепак, тоа што не загрижува и згрозува е вчерашниот настап на Зоран Заев.

Тој вчера кажа дека испраќал порака дека Македонија затварала едно поглавје на историја на национализам и на омраза.

Која е таа историја на омраза и национализам што ја негувал македонскиот народ? Крајно срамно и недолично е да го обвиниш сопствениот народ за ширење на национализам и омраза. Македонецот никогаш не бил, ниту националист ниту пак ширел омраза.

ВМРО-ДПМНЕ е крајно загрижена од нетранспарентноста и леснотијата со која Заев пристапи на едно исклучително сериозно прашање како што е склучувањето на договорот со Бугарија.

Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик“-рече тој.