ВМРО ДПМНЕ го обвини СЈО за изнудување лажни признанија

 

,,СЈО  повикува што е можно поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ и ги принудува да дадат некакви лажни искази и да ги заплашат или демотивираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ” -обвини на прес конференција Антонио Милошоски .

Тој рече дека членовите од тимот на Катица Јанева се служат со  незаконски методи, со уцени и лажни ветувања, се обидуваат да ги натераат граѓаните да се дистанцираат од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и да даваат лажни искази.

,,Еве како тече обично разговорот помеѓу некој од тимот на Катица Јанева и одредени луѓе кои што се повикани од ВМРО-ДПМНЕ”- вели Милошоски и додава,-,, Најчесто им викаат: „Никој нема да ти каже фала, доколку не дадеш соодветна изјава, биди паметен сега си повикан како сведок во СЈО и дај изјава како што ни е потребна, доколку не, следниот пат ќе бидеш повикан како обвинет, тие нема да ти го гледаат семејството, ние можеме да ти помогнеме, ако дадеш добра изјава што ќе ни користи во обвинителството“.

На ваков начин со притисоци СЈО се обидува да натера луѓе кој што се поканети, а се членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат лажни искази во врска со одредени предмети, кои што СЈО политички ги конструирал – обвинува Антонио Милошоски.

 

,,Овие денови го сменија стилот на работа, од читање на нарачани прес конференции, обвиненија против членови на ВМРО-ДПМНЕ, сега се префрлија во следна фаза на повикување на што е поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некаквии изјави, сведочења или искази под притисок или уцена. Катица Јанева се обидува на секаков начин да му помогне на својот близок Зоран Заев и да ги убеди граѓаните дека пред избори  наместо за економски теми, големи проекти треба да размислуваат тоа кој е повикан, а кој не е повикан во Специјалното јавно обвинителство. Но, ова воопшто не е чудно бидејќи доаѓа од фабриката за афери во СДСМ којашто е во многу близок секојдневен однос и комуникација со Специјалното јавно обвинителство”- рече Милошоски.

 

,,Како што наближуваат изборите, паниката и загриженоста кај аболицираниот господин Зоран Заев се зголемуваат, така растат неговите барања СЈО да ја компензира неговата немоќ. И да превземе нешто што ќе му користи на СДСМ.

Ваквите обиди СЈО да повикува што е можно поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ и да ги принудува да дадат некакви лажни искази или изјави нема да помине и нема да успее да ги заплаши или демотивира членовите на ВМРО-ДПМНЕ”- рече Милошоски и вети бесплатна правна помош за сите што ќе бидат повикани во СЈО.