ВМРО ДПМНЕ нема да го поддржи потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија

 Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека и покрај големата желба и искрена волја, ВМРО-ДПМНЕ нема да е во можност да даде поддршка на овој договор во Парламентот на Република Македонија.

Со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Република Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ, во ситуација кога СДСМ оди директно спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ ја потсетува и СДСМ и јавноста дека вакви крупни отстапки во овој договор кој според стручната јавност ќе има далекусежни последици, не беше најавен од СДС во текот на предизборието кога ја бараа поддршката од македонските граѓани и од тој аспект со прифатените отстапки СДСМ врши крупна изборна измама на граѓаните и долгорочна штета на македонската нација, народ, јазик и историја. ВМРО-ДПМНЕ потсетува и дека еден ден, како и секој друг договор, и овој договор може да биде преиспитан. Се што се потпишува, а е спротивно на волјата на мнозинството граѓани на било која земја не може да се очекува дека како контроверзна и ненародна одлука нема еден ден да е предмет на преиспитување.

ВМРО-ДПМНЕ жали што двете преговарачки страни одлучија набрзина, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ да се склучи овој договор, со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот.