На избирачкото место 2461 во општина Сарај, за коешто Управен суд ја уважи тужбата за изборни нерегуларности поднесена од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, оваа партија нема освоено ниту еден глас.

Како што може да се види од интерактивната мапа на официјалната веб страница на ДИК, најмногу гласови на 2461 има освоено ДУИ – 295, па БЕСА- 223, А/А-50, ДПА- 15. На ова избирачко место и СДСМ нема освоено ниту еден глас. Гласале 597 гласачи или 59,29 насто од запишаните гласачи на ИМ 2461 во Сарај.

Сега ДИК треба да одлучи дали запишаните околу 1000 гласачи може да влијаат на целиот изборен резултат за градоначалник на Скопје и согласно тоа дали таму ќе се прегласува.

Управен суд усвои само една од 28 поднесени тужби од партии и коалиции за гласањето на Локални избори 2017.