ВМРО ДПМНЕ не ги сака парите од Владата за референдумот

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски , на ФБ објави дека партијата не ги сака владините пари за кампања за референдумот.

,,Поттикнат од дебатата која се отвори за користење на средствата за кампањата за референдум, кој се однесува за договорот со Грција, а притоа потребно е да се разграничи дека и покрај сите отворени манипулации и несериозни спинови, престои кампања за договор со нашиот јужен сосед, а не за членство во ЕУ или НАТО, што е сосема друга тема, сакам да истакнам дека на Македонија повеќе од кампања и се потребни инвестиции, во образованието, младите, економијата, здравството, земјоделието… бидејќи во прашање се околу 80 милиони денари, пари на граѓаните кои власта, владата и парламентарното мнозинство во Собранието ги наменуваат за референдумската кампања.

Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, доколку постои можност делот од средствата кои се потврдени за ВМРО-ДПМНЕ да се пренамени и истиот да се донира за да се изгради или догради нов објект во состав на големиот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, доколку постои правна пречка за тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од делот за средствата и јавно ќе побараме истите средства да се вратат во буџетот, и ќе побараме владата да ги инвестира токму во ова тетовско училиште.
ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили и средства, наогајќи потпора во народот, кој е столбот и вистинскиот извор на власт и легитимитет во оваа земја, пред се одејќи од врата на врата, од дом во дом, во маалата, градовите, селата, ќе учествува во кампањата и ќе биде против овој договор, и во моментот кога ќе го дефинираме конечниот став во однос на самиот чин на гласање, учество референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните.

Сопственик на оваа држава е народот, а ВМРО-ДПМНЕ останува со народот.
Лицемерно е да се вели дека било кој е за напредок, за инвестиции и подобар живот, а кога треба да се троши за кампања за договор кој во својата суштина е штетен, не се жалат ниту средства ниту ресурси, додека се останато се запоставува.
Јас го одбирам образованието пред скапите кампањи.
Јас ја одбирам Македонија и ќе се борам за нејзината иднина!“-напиша Мицкоски.

25 август, 2018