ВМРО ДПМНЕ: Ние сме партија која работи во интерес на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ е партија која работи во интерес на граѓаните на Град Скопје, со цел подобрување на квалитетот на животот-одговори Марјан Додовски, советник во град Скопје на прес конференцијата на Манчевски дека Трајановски трошел само за да ги задоволи желбите на Никола Груевски.

,,Нашите заложби за решавање на проблемите на граѓаните се гледаат на дело сите овие изминати години.

По доаѓањето на власт во 2009-та година, локалната власт во Градот Скопје, предводена од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Коце Трајановски започна процес на финансиско и економско закрепнување на сите јавни претпријатија.

Така за ЈП „Комунална хигиена“ набавена е нова механизација и возен парк со повеќе од 80 нови камиони за комунален смет и модерни системи за собирање на сметот, исто така како и набавени се подземни контејнери. Додека пак во ЈСП Скопје набавени се 300 нови автобуси, модернизирани се и авто базите. Претпријатието „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ се во подобрена финансиска состојба и за нив се набавени нова механизација и опрема. Значи сите Јавни претпријатија се финансиски стабилни, што е најдобар показател за домаќинското работење во Градот Скопје“-рече Додовски.