,,Тука сме вечерва во огромен број да кажеме дека правдата е нападната од неправдата, да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена.

Аудио материјалот докажува и покажува мафија. Мафија која владее со секоја пора власт која треба да е независна, а не е! Мафија која ја одзема слободата и правдата. Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Мафија која ослободува убијци на мали деца додека премиерот си прави селфи со убијците, додека родителите на чедата од Смилковско со грч и горчина во срцата од неправдите живеат со помислата дека убијците се на слобода. Мафија која диктира обвиненија, диктира пресуди на судии. Мафија која како свое царство го негува хибридниот режим на Заев.

И за ова има неколкумина одговорни, но еден е највиновен, а тоа е Зоран Заев. Зоран Заев е виновен затоа што тој во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, преговарач, главен забавувач кога се во прашање гафовите, но и трговец со виталните органи на нашата Македонија. И едно досега научивме, на човекот не му е тешко да украде, да изглуми, да се посрамоти, но само не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен од глава до петици. А и најлесно му е да не ја говори вистината, излаже. Затоа што тоа покрај крадењето тоа го прави најдобро.

Аудио материјалот покажува дека тој пука во чело на правдата, ама онака ладнокрвно, со умисла и без каење. Со тој неправилен граматички, но разбирлив  јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол „трас-трас“, а правдата, драги пријатели, браќа и сестри, умира бавно, умира споро. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано. Тој е правдоубиецот во нашата држава.

И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер, човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во аудио материјалот што е реалноста, ќе се обидам да цитирам:  „договорено е со Врховен“, „без Заев не се може“, „трас-трас и ете одлука на Врховен суд“, „Катица знае за се што треба да се случи“, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е таа сурова вистина.

И еве поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква, никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е „капо де тути капи“ на мафијата, главните цоветници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски, запаметете ги овие имиња. А, гледаме дека ништо помалку не биле ни тие од Врховниот суд. Врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се преставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев. Ама ова пустото не се брани. Луј Витон судството е последица на Луј Витон премиерот, мераклија за куферчиња и пари, за пусти пари. Не може да одат луѓе во затвор за кутија цигари, а за кражба на држава да стануваат премиери. Тоа не може, и на 12-ти април ќе му го покажеме местото каде му е“-порача од протестот лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски му порача на Заев:

,, Зоран Заев ќе изгубиш, и ти тоа добро го знаеш. Ќе изгубиш силно и јако од народот. Ако не беше достоинствен додека беше на власт, тогаш биди достоинствен во поразот, и не застанувај на патот на народот. Од таму враќање нема. Ќе ја вратиме правдата, и честа, и го имате мојот збор, а тоа е во кодот на Македонецот, затоа што Македонците највеќе од се ја сакаат слободата, и веруваат во неа како што веруваат и ја сакаат сопствената татковина, нашата преубава Македонија “-рече Мицкоски.