ВМРО ДПМНЕ останува на ставот и не дава поддршка на ,,капитулантскиот договор“

,,ВМРО-ДПМНЕ не дава поддршка на капитулантскиот договор“.

Ова е одговорот на оваа партија на соопштението на СДСМ по ратификацијата на Договорот за името , во кое го оцени гласањето на пратениците од владејачката гарнитура ЗА договорот како патриотски чин.

,,Владата на Република Македонија како и мнозинството во парламентот, продолжуваат со кршење на Уставот, Собранискиот Деловник, законите и процедурите, а се со цел шверцерски да се протурка овој антидржавен и антиуставен договор, спротивен на интересите на граѓаните на Република Македонија.

Доколку овој договор беше позитивен за Македонија, Владата и парламентот немаше на ваков подмолен начин повторно да го искористи европското знаменце и да ги прекрши Деловникот и процедурите, со цел да ја спречи дебатата за овој катастрофален договор.

Меѓународните договори се разгледуваат во Комисијата за надворешни работи, и никогаш досега не биле разгледувани во Комисијата за европски прашања. Последниот ваков пример за беше токму договорот за добрососедство со Бугарија.

Заев во повеќе наврати призна дека овој договор не е добар за Република Македонија, тој ветуваше дека никогаш нема да застане зад договор во кој обврска на Македонија ќе биде промената на Уставот. Овој капитулантски договор задира во националниот идентитет, Македонија се откажува од своите малцинства во соседните држави, и налага промена на Уставот, а македонската историја се прикажува како грчка.

ВМРО-ДПМНЕ ќе побара толкување од венецијанската комисија за утврдување на правната природа на овој противуставен договор. Ќе има  одговорност и за кршењето на деловникот во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги употреби сите правни и демократски механизми за спречување на овој своевиден модерен геноцид врз македонскиот народ“-стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.