ВМРО ДПМНЕ отворено се закани со дестабилизација доколку му се одреди притвор на Сеад Кочан

ВМРО ДПМНЕ отворено се закани со продлабочување на кризата и дестабилизација на државата доколку апелациски суд ја уважи одлуката за притвор на Сеад Кочан. Од оваа партија исто така им се заканија на судиите кои одлучуваат дека ВМРО ДПМНЕ нема да остане без реакција доколку се одреди притвор за Кочан. Ова е првпат вака директно и отворено партија која е се уште фактички на власт да се закни со реакција кон судии кои одлучуваат по некој предмет.

Еве го соопштението на ВМРО ДПМНЕ во целост:

,,ВМРО-ДПМНЕ со внимание и одблиску ги следи тенденциите на партискиот огранок на СДСМ наречен СЈО, како и на Зоран Заев и неговите сценаристи, но и на и судиите кои се под влијание или под притисок на СДСМ во случајот со обидот за незаконско одредување притвор на сопственикот на ТВ НОВА, Сеад Кочан.

Оваа постапка има три јасни цели: прво притисок и по можност згаснување на ТВ НОВА, второ, испраќање порака и заплашување до сите медиуми кои не мислат како аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговите сценаристи, дека ако не ја сменат уредувачката политика по желба на Заев, СЈО и нивните сценаристи дека ќе се соочат со политички прогон, притвори и други чекори кои не се засновани на закон и владеење на правото, откако претходно ќе биде извршено влијание врз судиите и трета цел заплашување на припадниците на етничките заедници кои не се согласуваат со политиките на Зоран Заев и со прифаќањето на Тиранската Платформа која значи губење на мултиетничкиот карактер на државата и градење на бинационална држава.

Овој чин е обид за загушување на демократијата и на медиумските слободи во Македонија.

Овој чин ќе биде сериозен удар врз медиумските слободи во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нема да остане рамнодушна на ваквата политика на СДСМ која како поразена на изборите не дошла на власт, но преку СЈО каде е на власт од првиот ден на неговото формирање, веќе практикува крајно недемократско владеење, загушување на медиумските слободи, кршење на законите и погазување на демократијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите, независно дали се под притисок на СДСМ, или пак од било која причина сакаат да го задоволат Зоран Заев и неговиот сценарист, дека треба да работат согласно законот и Уставот и дека не смеат да се претворат во политичка алатка на СДСМ и СЈО. Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност, и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите.

Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку се подлегне на притисокот и на политичките влијанија од СДСМ и незаконски се потврди притвор, се додека тој трае, ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест против обидот за загушување на овој медиум и на демократијата и слободата на медиумите, и истовремено закана кон останатите медиуми во кои во некои од нив веќе се врши тортура од СЈО, ќе ги превземе сите расположливи политички и демократски мерки и чекори во правец на спречување на недемократско однесување на СДСМ која е на власт во СЈО и целосно управува со него и го контролира.

Незаконското одредување притвор под притисок на СЈО, СДСМ и Заев, на сопственикот на овој медиум дополнително и многу сериозно ќе ја продлабочи политичката криза во земјата.

Уредувачката политика на ТВ НОВА многупати не е по вкус на ВМРО-ДПМНЕ, но ВМРО-ДПМНЕ ги почитува медиумските слободи и соработува со сите медиуми вклучувајќи ги и најкритичките од нив, за разлика од Заев кој јавно на прес конференција ги прогласи за непријатели медиумите кои не мислат како него- се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.