ВМРО ДПМНЕ: Политичкото насилство кое го спроведе СДСМ може да резултира само со физичко насилство

Најновото соопштение на ВМРО ДПМНЕ е повик за нови насилства.ВМРО ДПМНЕ го оправдува насилството и признава дека стои зад него. Тие во денешното соопштение со реченицата ,,Политичкото насилство што го спроведе СДСМ може да резултира само со физичко насилство“, практично најавува ново насилство.

По бруталното претепување на пратениците во Собрание на РМ, ВМРО ДПМНЕ продолжува со истиот хушкачки стил и говор на омраза. Ова е нивното денешно соопштение:

,,Реализирањето на Тиранската платформа не носи добро никому. Газењето на Уставот, законите и деловникот е директно газење на државата и поредокот. Ограничувањето на демократското право на дискусија на пратениците е најбрутално ограничување и газење на граѓаните кои ги гласале. Политичкото насилство кое го спроведе СДСМ може да резултира само со физичко насилство. Незаконскиот обид, криминогените структури од СДСМ да си го самопрогласат Талат Џафери за парапретседател на Собранието беше директна провокација кон Македонскиот народ.

Ваквото сценарио на СДСМ да формира параинституции е на директна штета и на Република Македонија и на граѓаните на државата. Единствено им користи само на оние сили во земјава и надвор од неа кои не и мислат добро на Македонија и кои го негираат Македонскиот идентитет и суверенитет.

Ваквиот срамен однос на сервилната и уценета криминогена структура на СДСМ го поттикнува гневот и ги иритира граѓаните на оваа земја кои не се согласуваат со плановите за нејзино редефинирање и разнебитување.

Вчерашниот политички криминал од страна на СДСМ беше огромен чекор назад за демократијата во земјава.

Благодарение на интервенцијата на полицијата, не дојде до поголема ескалација и посериозни последици.

Криминалците од СДСМ мора да сфатат дека народот се противи на нивните планови за тргување со највисоките државни и национални интереси. Криминалците од СДСМ мора да сфатат дека народот си ја сака земјата и нема да дозволи нејзино разнебитување.“