ВМРО ДПМНЕ се закара со САД и ЕУ

Еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада- се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ упатено до американската амбасада во РМ и се додава:

,,Одговорот на новинарското прашање следеше откако не беше постигнат договор за формирање на Влада во уставниот рок и СДСМ излезе со став дека треба да го добијат мандатот, иако тоа не е предвидено со Уставот.

Со оглед на дискусиите во јавноста кои ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада?

Ова прашање го поставуваме јавно бидејки ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно.

ВМРО-ДПМНЕ како партија под чие водство Македонија потпиша декларацијата за стратешко партнерство со САД во 2008 година останува на позициите дека двете земји треба да ја продолжат соработка во духот на таа декларација.

Од портпаролката на Европската Унија, Маја Коцијанчиќ ВМРО ДПМНЕ бара објаснување на кој дел од Уставот на Р. Македонија таа се повикува и врз која основа ЕУ очекува Претседателот Иванов да определи лидер за формирање на „што е можно поширока Влада“. За да нема недоразбирање и дилеми кај македонската јавност пожелно е одговорот на ЕУ, исто така да биде јавен-велат од ВМРО ДПМНЕ.

Секоја држава, особено источно европските земји, има потреба од континуирани реформи преку промени на законите, за кои понекогаш е потребно и поголемо мнозинство, како што е двотретинското кое во Македонија е неопходно за промена на некои закони. Сепак, земјите ретко составуваат влади со двотретинско мнозинство. Дури и во таква ситуација некои од нив понекогаш преку разговори и дебата со опозицијата во парламентот успеваат заеднички да изгласаат закони за чие прифаќање треба поголемо мнозинство во парламентот отколку тоа што го има владеачката коалиција. Такви случаи имаше многупати и во Македонија, кога владеачката гарнитура успеваше за некои реформски закони да обезбеди поддршка во парламентот од опозицијата, што говори дека и без двотретинско мнозинство може да се прават реформи.

Оттука, би сакале да прашаме дали ЕУ има воспоставена пракса при секое формирање на Влада во земјите членки на ЕУ и кандидатите за членство, јавно да повикува на создавање на „што е можно поширока Влада“, или тоа е само исклучок за Македонија.”-се вели во денешните соопштенија на ВМРО ДПМНЕ упатени на адреса на ЕУ и САД.

 

АКО.мк