ВМРО ДПМНЕ се крсти во Трамп

Последниот ден од уставниот рок за состав на нова Влада,од  ВМРО ДПМНЕ која го има мандатот нема ниту збор за ова, туку продолжува да се расправа со Сорос, соросоиди, но за првпат во соопштенијата од овој арсенал не ја спомнува борбата за десороизација на Македонија, туку ветува отворање простор за непречено работење на невладиниот сектор, кој ќе работи во интерес на граѓаните. Овојпат, експлицитно најавува ,,тесна соработка,, со Трамп и неговата администрација. Дали тоа значи и со амбасадорот Џес Бејли, кој до вчера беше главна мета на напади, но кој очигледно останува и понатаму во американската амбасада на Кале.

Еве го соопштението издадено утрината од ВМРО ДПМНЕ:

Интересите на СДСМ/Сорос се спротивни од интересите на Република Македонија и македонскиот народ.

СДСМ/Сорос го одбраа патот посочен од нивниот спонзор, се ставија во негова одбрана и започнаа со навреди и омаловажувања кон американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација.

За скапо платените соросоиди не е проблем по наредба да влезат во конфликт со кого било водејќи се од лични интереси и желбата да продолжат да легнуваат на нивните сметки платите повисоки од 3.000 евра.

За такви суми, воопшто не им е проблем да организираат насилства и демонстрации во кои жртви се полициските службеници, а штетите тешки милиони евра ги плаќаат македонските граѓани.

Нивните интереси се во конфликт со интересите на Македонија и македонскиот народ.

Владата на Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во наредните четири години ќе работи во тесна комуникација и ќе соработува со новата администрација на Трамп, за остварувањето на стратешките цели на државата. Наша приоритет и цел останува членството во НАТО и во Европската Унија при што важна е соработката со нашите партнери САД и Европа.

Граѓаните гласаа против деструкцијата и кризата во која што СДСМ/Сорос ја втурнаа земјава во изминативе години.

Граѓаните гласаа за проекти, стабилност и просперитет.

ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори за отворање простор за работа на невладин сектор кој ќе биде целосно во функција на граѓаните, а не во функција на аболицирани криминалци и туѓи интереси.

AKO.mk