ВМРО ДПМНЕ тврди дека две фирми пред ликвидација добиле 200.000 евра грантови од Фонд за иновации

Фондот за иновации доделиле пари на 2 фирми кои се во постапка на бришење и затворање во Централниот регистар по член 552 , а вкупната сума што им ја доделиле на фирмите кои се пред бришење изнесува 12.370.344 денари или вкупно 201.143 евра, објави денеска опозициската ВМРО ДПМНЕ.

„Фирмата Омега Рисрч“ ДООЕЛ Скопје, каде што се јавува извесна млада девојка која веќе добила грант од Агенцијата за вработување претходно да ја основа фирмата, добива грант за проект за исклучителна иновација во областа на жива и органска козметика за нега на кожа, базирана на иновативна биотехнологија и Фондот за иновации за ова им доделува помош од 11.180.260 денари или 182.000 евра. Интересно е што фирмата нема ниту еден вработен, нема вработени и е во постапка на бришење, а самата фирма треба да инвестира 4.791.540 денари или 78.000 евра.

Еве јавно прашуваме, како е можно фирма пред бришење во постапка на затварање со ниту еден вработен да добие грант од 182.000 евра и да инвестира самата фирма плус уште 78.000 евра?“-изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Втората фирма која е во постапка на затварање и бришење е фирмата „Мобидониа“ ДООЕЛ од Неготино која што треба да биде креатор на админ панели, добила грант од Фонд за иновации во висина од 1.190.084 денари или 20.000 евра, а самата фирма треба да инвестира 520.000 денари.

Од Фонд за иновации ги демантираат обвинубањата на опозициската партија.

– Според правилниците за аплицирање за финансиска поддршка на Фондот, сите апликанти задолжително треба да достават потврда за тековна состојба од Централен регистар, не постара од еден месец. Ваква потврда, со јасен статус на „активен“ деловен субјект имаат доставено и двете компании „Мобидониа“ и „Омега рисрч“, се наведува во демантот од Фондот за иновации и технолошки развој, велат од фондот.