ВМРО ДПМНЕ тврди дека со декласифицирање на поволностите Владата ќе ги пишмани странските инвеститори

Владата на Социјалдемократскиот сојуз спроведува катастрофална економска политика. Социјалдемократскиот сојуз со секој свој нов чекор ја турка државата кон зголемување на невработеноста и банкрот.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за декласифицирање и објавување на субвенциите кои се даваат на странските инвеститори во Република Македонија, потег кој ќе влијае на потенцијалните инвеститори и нивните намери да дојдат во земјава да инвестираат-изјави Христијан Мицковски од ВМРО ДПМНЕ.

Не е никаква тајна, ниту е незаконски тоа што Македонија, како и повеќето земји низ светот, кои се борат за странски инвестиции, да дава субвенции по некаква основа. Тоа и досега не било тајна, било согласно закон и истото даде огромни резултати во намалување на невработеноста, отворањето на нови работни места, зголемување на извозот, пренос на технологии и знаење, обезбедување работа за домашните компании како и добавувачи или партнери од различен вид, и на крај резултираше со зголемување на индустриското производство, раздвижување на економијата, зголемување на конкурентноста, и раст на севкупниот БДП.

Во таа насока постои и огромна конкуренција при привлекувањето на инвеститорите вклучително и во сегментот на субвенциите. Секоја земја прави напори и води преговори со инвеститорите во тој правец. Тоа го прават и Србија, Бугарија, Романија, Чешка, Унгарија, но и одредени држави во САД. Кога сакаат да привлечат голем работодавач. Компаниите кои доаѓаат не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи по основ на субвенции, а тоа не и одговара ни на државата. Прво затоа што се откриваат позициите пред другите земји конкуренти. А, најчесто еден инвеститор во процесот на одлука „го бркаат“ најмалку 5-6 држави со различни понуди кои најчесто не се објавуваат, бидејќи секој нареден инвеститор ќе бара најмалку иста субвенција од оној кој добил најголема, што не е добро и ја става државата во подредена улога. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции-смета ВМРО ДПМНЕ.