ВМРО ДПМНЕ уште еднаш нуди поддршка за СДСМ ако се откаже од Платформата на ДУИ

Доколку СДСМ одлучи да се откаже од платформата од Тирана и ги отфрли непринципиелните уцени за редефинирање на државата, тогаш ќе ја добие поддршката на ВМРО ДПМНЕ и покрај тоа што граѓаните најголемата поддршка на изборите ја дадоа на програмата на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија-се вели во најновото соопштение на оваа партија.

,,Време е за искреност.Време е СДСМ да покаже дали е за унитарна и единствена Македонија или е за Македонија скроена по платформата од Тирана. Време е СДСМ да покаже на дело дали љубовта кон татковината е поголема од желбата за власт по секоја цена.

Граѓаните не гласаа за официјализирање на албанскиот јазик, за менување на банкнотите, за претворање на Македонија во бинационална држава, за нејзина кантонизација или федерализација.

Прифаќањето на плановите за редефинирање на Македонија се очајнички обид на Зоран Заев да ја изигра волјата на народот и да дојде на власт без да победи на избори.

ВМРО ДПМНЕ е свесно за карактерот на Зоран Заев и неговата подготвеност да ја свитка кичмата(рбетот).

Не е прв пат СДСМ да го прави тоа. Во 2004 година беше донесен Законот за територијална поделба само да се дограбат до некој глас повеќе кој би им ја донел функцијата претседател. Последиците ги гледаме и 13 години подоцна.

Државните и национални интереси секогаш ни биле и ќе ни бидат пред се. Затоа сме подготвени да ја поддржиме желбата на Заев да формира влада, под услов да се откаже од агендата за разнебитување на државата.

Време е целосно да паднат маските“-стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.