Водоснабдувањето се нормализира

Водоснабдувањето во Охрид и Струга каде големи делови од градовите попладнево останаа без вода за пиење, вечерва полека се стабилизира. ЕВН денеска го исклучи од електро мрежата Меѓуопштинско јавно претпријатие Проаква поради неплатени долгови во износ од неколку милиони евра. Вечерва пумпите од градскиот водовод повторно се приклучени, но проблемот не е решен велат од ЕВН, од каде најавуваат судска разрешница на случајот.

ОД МЈП Проаква попладнево информираа дека прекинот во водоснабдувањето се должи на изведување одредени зафати од ЕВН. Од друга страна ЕВН Македонија информираше дека компанијата била принудена да ја исклучи Проаква од електро системот затоа што не бил постигнат договор за сервисирање на милионските долгови поради незаинтересираноста на другата страна за решавање на проблемот кој.

– Не вродија со плод предупредувањата и понудите за надминување на ситуацијата, кои ЕВН Македонија неколку години се обидува да ги добие. МЈП Проаква не покажа воопшто никаков интерес за надминување на проблемот и за плаќање на електричната енергија. За тоа се известени сите релевантни институции. На ваков потег ЕВН се одлучи почитувајќи ги законските прописи и во интерес на сите страни. – изјави за OhridNews портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски.

Од ЕВН додаваат дека се отворени за разговор за изнаоѓање решение за настанатиот проблем и дека биле приморани на ваков чекор поради односот на МЈП Проаква.

OhridNews