Во врвот на ВМРО ДПМНЕ сите се Диме Спасов

СДСМ и денеска потсетува дека четири дена по инцидентот што го направи дополнителниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов, тој се крие и нема намера да понесе одговорност.

,,Наместо извинување и преземање одговорност, дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов веќе четврти ден се крие од јавноста, надевајќи се дека неговото дивеење наскоро ќе биде заборавено. Наместо да понесе одговорност, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, чие службено возило Спасов го злоупотреби за дивеење по скопските улици, и тој се впушти во бранење на злоупотребите.

Тоа уште еднаш докажа дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ – сите се Диме Спасов!

Скандалозниот случај во кој заменик – министер со службен автомобил земен од туѓа институција и надвор од работно време, во доцните вечерни часови, предизвика сообраќајни несреќи низ скопските улици, а потоа бегаше од полицијата – мора да добие разрешница.

Случајот во кој за само една вечер се направени неколку кривични дела и се вмешани две државни институции мора да биде расветлен што поскоро. И Диме Спасов и Влатко Поповски мора да сносат и правна и политичка одговорност.

Помина времето кога послушниците на Груевски минуваа неказнето за нивните испади. За сите кои го прекршиле законот во овој, но и во други случаи одговорност мора да има и ќе има.

Освен пред законот, ќе одговараат и пред граѓаните. На 11 декември граѓаните на Македонија ќе им врачат откази и на Диме Спасов и на Влатко Поповски и на сите оние кои десет години се однесуваа девијантно и криминално без притоа да сносат никаква правна и политичка одговорност”- се вели во соопштението на СДСМ.