Во ДИК сведочеше Фатиме Сулејмани во чие име гласал некој друг

Пред членовите на Државна изборна комисија сведочеше Фатиме Сулејмани која беше посочена од Беса како гласач на кој не му било дозволено да гласа, бидејќи во нејзино име веќе некој гласал. Таа потврди дека кога дошла на своето гласачко место 0396/11 во Гостивар и било кажано дека веќе гласала. Членовите на ДИК ја испрашуваа во детали како се случило тоа и практично се потврди тоа што го имаше во приговорот на Беса. Сепак, не заврши и овој сегмент од работата на ДИК без кавга меѓу членовите. Силвана Бонева побара да се отстрани овластената претставничка на СДСМ од просторијата, бидејќи според неа, таа тука седела без овластување и незаконски и поставувала прашања на Сулејмани. Претставничката на СДСМ беше отстранета , но членовите на ДИК продолжија да се обвинуваат меѓусебно.

Пред претставниците на ДИК седат и членовите на Избирачкиот одбор кој дозволил ова да се случи.

Според доказите во поднесениот приговор од партијата злоупотребен е идентитет на Фатиме Сулејмани, а во нејзино име гласал некој друг. За оваа нерегуларност партискиот набљудувач имал забелешка во записникот, што беше доволен аргумент за членовите на ДИК претходно да го уважат овој приговор.

Во записникот, како што рече претседателот на ДИК Алексадар Чичаковски, има и забелешка дека оваа жена всушност веќе гласала, па затоа не и било дозволено да гласа повторно.