Во Корча во Албанија ќе се отвори Лекторат за македонски јазик

Во Универзитетот „Фан С. Ноли’’ во Корча, ќe се отвори Лекторат за македонски јазик. Оваа идеја произлезе од Научниот симпозиум посветен на „Животот и Литературното дело на Стерјо Спасе”, кој во соработка со македонското друштво „Сонце”, беше организиран од Универзитетот.

Министерот Едмонд Адеми и амбасадорот на Република Северна Македонија во Тирана, во разговор со ректорот Али Јашари побараа зацврстување на врските и поголема соработка меѓу универзитетите во Република Северна Македонија и универзитетот „Фан С. Ноли”.

Во таа насока, амбасадорот Данчо Марковски, по извршени претходни подготовки и координација со ректорот на Универзитетот „Климент Охридски” во Битола, Сашо Коруновски на 04.03.2019 г. оствари работна средба со ректорот на државниот Универзитет „Фан С.Ноли“ во Корча, Али Јашари и членови на ректорската управа, при што беа иницирани два конкретни предлози:

  • Отворање на Лекторат за македонски јазик; и
  • Заемно организирање на проверка на познавање на македонскиот јазик и издавање на дипломи на заинтересирани студенти и лица.

Ректорот Али Јашари информираше за веќе воспоставената соработка со универзитетите во Република Северна Македонија и идејата за воспоставување на Лекторат ја оцени како мошне добра. Предложи да се преземат неопходните подготовки како би можело да се пристапи кон нејзина реализација. Побара во следните триесетина дена да се организира средба со неговиот хомолог, во Битола или Корча, како би можеле деканите од двата факултета да потпишат меморандум за соработка и утврдат условите и начинот на работа.

Јашари се согласи и со предлогот за организирање на проверка и полагање на македонскиот јазик, како и за разгледување на можноста за меѓусебно признавање на дипломите.