Во кој ресторан ги потрошија парите локалните моќници од Крива Паланка?

Општинската организација на СДСМ од Крива Паланка прашува во кој ресторан ги потрошија парите на граѓаните локалните моќници, наместо да им обезбедат на граѓаните непречено снабдување со вода и расчистени улици и патишта од мраз и снег.

Наместо Новогодишните и Божикните празници да претставуваат радост, среќа и веселба во секој дом, тие за поголем број на кривопаланечки семејства се претворија во борба за опстанок и преживување-реагираа на прес конференција социјалдемократите од овој град.

Имено поголем број  населби во општината за новогодишните празници и потоа,  веќе неколку дена се без вода за пиење, а за Божикните празници градските улици и тротоарите останаа неисчистени од врнежите од снег. Приградските населби кои се наоѓаат  само на неколку минути од градот се целосно завеани и непроодни, а граѓаните со право реагираат и негодуваат. Неколку села од кривопаланечкиот крај со високите навеви на снег се отсечени од цивилизација и немаат можност за дотур на храна и основни животни намирници. Во најголемиот број  случаи се работи за старо и изнемоштено население кое има потреба од континуирана медицинска помош. За жал сите нивни повици останаа залудни, а неколку стотици лица се препуштени самите на себе.

Неодговорноста, неспособноста и недомаќинското работење на првите луѓе на градот и директорот на Јавното комунално претпријатие Томе Тодоровски испливаа на површина. Само како потсетување ова е истиот оној директор, кадар на ВМРО ДПМНЕ, за кој неодамна реагиравме дека се расфрлал со парите на граѓаните. Истиот тој со пари од јавното претпријатие купуваше фенови, пегли за коса, Мемори Дипломат душеци, правеше гозби по ресторани и кафеани. Како тоа тој до пред неколку месеци се расфрлаше по ресторани и кафеани, а сега како фирма која е одговорна и задолжена за снабдување на градот со вода за пиење и за зимско одржување на локалните улици и патишта во градот го нема никаде, молчи и се крие. Кој ќе ја понесе одговорноста за оштетената водоводна инсталација, направените штети по домовите? Како тоа наместо со механизација работниците расфрлаат сол со голи раце. Морална одговорност и оставка од ваков човек немаме намера да бараме. Очигледно тоа се непознати појмови за него. Она што најмалку може да го направи директорот Томе Тодоровски, е да излезе и да им објасни на граѓаните како тоа се зема тендер за зимско оджување на улици и патишта без механизација и со само еден трактор. Каде и во која кафеана се потрошија парите од добиениот тендер кога ова е првиот снег сезонава. – реагираат од СДСМ Крива Паланка.