Во Мостар е убиена 19 годишната пра-внука на Џемал Биједиќ

19 годишната студентка, Лана Биједиќ од Мостар е пронајдена мртва во реката Студенчица во местото Студенац крај Љубушки во Херцеговина.

Нејзиното тело го пронашол рибар, по што повикал полиција.

Лана отишла со пријателите на кафе, а нејзиното исчезнување го пријавиле родителите, откако таа вчера во 17 часот не се вратила, иако биле договорени дека ќе дојде до тоа време.

Мајката се обидувала да ја добие на телефон, но безуспешно, по што во домот на познатото мостарско семејство завладеала паника.

Убиената Лана Биједиќ е пра-внука на поранешен висок југословенски функционер, Џемал Биједиќ, кој во 1977 година загина во авионска несреќа.

Џемал Биједиќ беше сојузен премиер и близок соработник на Јосип Броз Тито, а е заслужен за прогласување на муслиманската религиозна припадност како нација во рамките на СФРЈ.

Џемал Бједиќ и Јосип Броз Тито

Мајката на несреќната девојка е професорка на универзитетот во Мостар, што го носи името на нејзиниот пра-дедо.

Лана Биједиќ деновиве требало да почне со студиите како бруцош на Универзитетот во Сараево.