Во нашето соседство гладуваат деца

Четири деца, братче и три сестрички од скопски Аеродром, неколку месеци гладуваат. До неодамна спиеа под скалите во влез во една од зградите каде биле под кирија, откако нивната мајка немала пари да продолжи да го изнајмува станот.

Мајката на децата Тања Димитрова за весникот Дневник вели дека не пребира работа само да донесе некој денар дома да ги прехрани своите 4 деца. Од жал што ги гледа гладни и во немоќ да им помогне, таа помислувала да скокне од прозорец, да си го одземе животот. Пеколот настанал кога нивниот татко кој живее и работи во Чешка и ги вратил децата во Македонија, иако знаел дека таа е во незавидна финансиска состојба.

-Му објаснив дека немам дом и дека спијам кај другарки.Тој рече дека ќе најде стан и дека ќе плати закупнина за една година.Работев во еден ресторан, имав некој приход, сега немам ништо. Падната сум со духот, не можам да гледам кога плачат за храна, затоа почнав да пијам таблети за смирување. Признавам два пати се качував на прозорец да скокнам, не можам да ја издржам болката кога ги гледам како плачат од глад-раскажува мајката за весникот Дневник.

Во училиштето ,,Ѓорѓија Пулевски,, каде учат децата, забележале дека нешто не е во ред, кога виделе дека едно од девојчињата оди без чорапи на овие температури. Потоа виделе дека децата се гладни. Ја повикале мајката и откако таа раскажала во колку тешка ситуација е семејството, почнале да собираат помош со поддршка и на Совет на родители.

Училиштето ќе организира Новогодишен базар на 22 декември во 18 часот , а сите средства ќе бидат донирани за семејството Димитрови.

Извор-Дневник