Претседателот  на Собрание на РМ, Талат Џафери, пред присутните гости имаше обраќање на Свечената академија по повод одбележувањето на 550-годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег.

Тој меѓу другото, рече:

 

„Јас сум пријател на доблеста, а не на судбината“, ова е мисла од писмото на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег (Gjergj Kastrioti Skënderbeu) упатено до неаполскиот крал Фердинард. Ја цитирам оваа мисла на големиот Скендербег, бидејќи во суштина го изразува токму неговиот карактер и неговиот вредносен систем кој провејува низ целиот негов живот. Како што е познато, на денешен ден пред 550 години, на 62-годишна возраст умира од маларија во Леж. По тој повод, со денешнава Свечена академија и промоцијата на поштенската марка со ликот на Скендербег, во Република Македонија започнуваат најразлични манифестации посветени на големиот Ѓерѓ Кастриоти Скендербег. Вакви и слични манифестации ќе се одржуваат, исто така, и во Република Албанија и Република Косово. Односно, оваа година е посветена на големиот Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег, кој што во суштина е основоположник на Албанската феудална држава. Во исто време, имајќи ги предвид и тогашните историски состојби, тој е последниот браник пред Османлиската инвазија во Европа.

Ако се погледаат само површно историските факти поврзани со Ѓерѓ Кастриоти, без разлика на тоа што тој е албански феудалец, неговите идеи, неговите заложби и, секако, неговата борба за слобода и воените победи против отоманската војска, имаат многу елементи на тоа што денеска за сите нас е идеал и стратешка определба, а тоа е здружена Европа. Имено, тој  децидно се заземал за обединување на сите балкански кнежевства, меѓутоа, во соработка со другите, како што е Дубровник, Венеција и Неапол во одбрана на Балканот, а со тоа и на Европа, пред продорот на османлиската војска. Овие историски факти се потврдени преку многуте научни истражувања и соодветните научни трудови на редица авторитетни имиња од историската наука, речиси од сите европски држави. Исто така, карактеристично за ликот и делото на Скендербег е фактот дека тој бил инспирација за многу литерарни, музички, ликовни и други уметнички дела. Дозволете да споменам дека ликот на Скендербег наоѓа место во делата на еден Вивалди, потоа во делата на големиот англиски поет, Лорд Гордон Бајрон, познатите француски сликари Делакроа, Монтењ и многу други. Само да потсетам на податокот дека во Рим од поодамна постои споменик на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег, со што уште еднаш е потврдена неговата историска улога и придонес во тоа што денеска го именуваме како здружена Европа. Сакам да го спомнам и големиот европски мислител и филозоф Волтер, кој има запишано, цитирам „Ако византиските цареви беа како Скендербег, Источното царство ќе беше спасено“-рече Џафери.