Во терористички напад во ноќен клуб во Истанбул убиени најмалку 35 луѓе

Најмалку 35 луѓе се убиени, а околу 40 се повредени кога вооружен напаѓач облечен како Дедо Мраз влегол и почнал да пука во гостите, јавуваат турските медиуми, повикувајќи се на изјава на истанбулскиот градоначалник.

Нападот се случил неколку минути по полноќ во познатиот ноќен клуб Реина во областа Бешикташ во европскиот дел на Истанбул на брегот на Босфор. Во клубот имало новогодишна забава. Гувернерот на Истанбул Васип Сахин изјави дека нападот, кој го опиша како терористички, го извршил еден напаѓач. Телевизискиот канал НТВ објави дека голем број полициски и амбулантни возила се пред клубот Реина во областа Бешикташ.

Во клубот, според медиумите, имало меѓу 500 и 800 луѓе за време на нападот. Дел од гостите, според информациите, скокнале во Босфорскиот Канал за да се спасат.

Безбедноста во Истанбул беше засилена поради прославата на Нова Година. Во градот беа распоредени најмалку 17 илјади полицајци.