Во Турција граѓаните гласаат на референдум за или против поголеми претседателски овластувања

Во Турција утрината се отворени сите избирачки места на кои граѓаните ќе гласаат на референдум  за предложените измени на Уставот со кои му се даваат големи овластувања на Претседателот на државата кои ги покрена актуелниот Реџеп Таип Ердоган.

Право на глас имаат   55,3 милиони гласачи вклучувајќи ја и дијаспората. Избирачките места се отворени во 7 часот, а се затвораат во 17 часот.

Анкетите прогнозираат благо водство на подржувачите на уставните промени.

Гласачкото ливче е едноставно и на него од левата страна стои зборот “Evet” (ДА) на бела подлога, додека на десната зборот “Hayir” (НЕ) на темна подлога. На гласачкото ливче нема прашање, затоа што власта смета дека сите граѓани знаат за што се работи.

Според зборовите на Ердоган ако гласаат ЗА , граѓаните ќе гласаат за неопходни промени заради поголема стабилност и просперитет на Турција.

Оние пак што се против велат дека не смее да се гласа ЗА , затоа што на тој начин ќе му се даде неограничена моќ на Ердоган и ќе се воведе модерен султанат во земјата, што ќе биде погубно за демократијата.

Многумина во Турција сметаат дека Ердоган работи на уништување на придобивките од создавачот на секуларна Турција, таткото на нацијата, Кемал Ататурк.