Во чие име Себастијан Курц дојде на митингот на ВМРО ДПМНЕ?

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц вечерва се наоѓа во првите редови на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Тој  беше спектакуларно најавен од водителот и повикан на бината да им се обрати на насобраните луѓе.

,,Многу ви благодарам за денешната покана. Особено ме радува што можам во својство на вашата сестринска партија да бидам вечерва ваш гостин. Особено сме среќни што е Македонија на добар пат кон Европската Унија. Ние сме многу среќни што Македонија е многу важен партнер за нас во Австрија, истакна австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој присуствува на вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Но, тоа не беа само зборови на партиска поддршка. Министерот Себастијан Курц и се заблагодари на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ за соработката за време на мигрантската криза.
-Особено сум благодарен за подршката што ја добивме од страна на Македонија во 2015 и 2016 година. Бегалската криза беше голем предизвик за Австрија. Во 2015 година 90 илјади бегалци дојдоа во Австрија, а преку 1 милион ја минаа нашата држава. Без вашата Влада немаше да бидеме во состојба да ја затвориме балканската рута. Многу сум ви благодарен што не подржавте во оваа особено тешка состојба за нас, рече Курц  на вечерашниот митинг и додаде дека ова е мошне импресивен собир.

Ви посакувам, подвлече Курц, во името на мојата австриска народна партија, многу многу среќа на целата партија и многу енергија во вашата изборна кампања.

 

Курц беше во друштво на министерот за надворешни работи Никола Поповски. Иако во изјавата Курц рече дека е тука  во име на неговата партија како сестринска на ВМРО ДПМНЕ , сепак тој е актуелен министер за надворешни работи на Австрија, земја членка на ЕУ, па останува дилемата дали ја инволвира целата влада во изборите и се става на страна на една партија во текот на изборна кампања.

Инаку, Курц е припадник на Конзервативната партија и со 27 години, во 2013 стана најмладиот министер во Европа. Тоа предизвикуваше бурни реакции во Австрија, а опозицијата не го штедеше нарекувајќи го бебе-министер,а многу често му забележуваа што нема факултет.