Во јуни ќе бидат сменети една третина од министрите и ќе се бира нова Влада

Премиерот Зоран Заев најави дека по смените во раководната структура на владејачката СДСМ, во јуни ќе биде направена реконструкција на владиниот кабинет.

Тогаш ќе бидат разрешени повеќе од тројца министри и заедно со веќе сменетите досега практично една третина од актуелните министри ќе бидат разрешени и ќе бидат предложени нови луѓе. Тоа значи дека ќе се избира нова Влада, најави Заев.

Тој најави дека ќе бидат разрешени и заменици на министри, раководители на сектори, директори на јавни претпријатија и сите они кои не покажале резултати во своето работење.

Заев го претстави новиот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и најави дека тој нема да биде веќе министер за земјоделство, туку ќе мора да се врати чекор назад и да даде сѐ од себе да ја застане на нозе партијата.

На местото на разрешените потпретседатели , организациониот секретар и Надзорниот одбор во СДСМ ќе бидат избрани нови луѓе.

Политичкиот земјотрес што се случува е одговорот на Заев на сѐ погласните реакции во јавноста и незадоволството на граѓаните од работата на Владата и локалните самоуправи.

Сега на ред се проветрувања и на локално ниво, најави новиот генерален секретар Љупчо Николовски.