Во 18 часот Армијата ќе истрела почесни плотуни по повод официјалното пристапување кон НАТО

 Денеска, 27-ми март 2020 година (петок), со почеток во 18.00 часот, по повод депонирање на пристапниот протокол во Стејт Департментот со што Република Северна Македонија официјално станува полноправна членка на НАТО, од касарната ,,Илинден“ во Скопје, ќе се изврши артилериска стрелба со истрелување на шест плотуни од артилериски орудија, од страна на единица на артилерискиот баталјон на Армијата, информираат од АРМ.

Преходно, претседателот Пендаровски во своето обраќање објави дека во 15 и 30 по наше локално време, С. Македонија ќе стане официјално членка на НАТО.

,,Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија.

Лидерите на земјите-членки потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време.

Драги сограѓани,

Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности.

Во претстојниот период не очекува макотрпна работа. Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел.

Во оваа прилика сакам да им честитам на сите кои изминатите години работеа на нашата европска иднина. На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор за јавните дебати за важни прашања и за постојаниот мониторинг на работата на институциите, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија.

Денес упатив и писма на благодарност до лидерите на земјите-членки на ЕУ за искрената поддршка во континуитет. Пред три дена со најавениот пакет на економска помош и конкретно се уверивме во европската солидарност уште пред да станеме полноправна членка на организацијата и тоа во период кој е тежок и без преседан за сите на континентот, без исклучок.

Почитувани,

Дозволете ми да го одбележам и чинот на нашето формално зачленување во НАТО Алијансата, кој ќе се случи денес во 11:30 часот, според американско време, во главниот град на САД. Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.

Нека ни е честито на сите! Заслуживме!“-изјави Пендаровски.