Во 90 година од животот почина академик Георги Старделов

Поранешниот претседател на МАНУ, академик Георги Старделов, почина денеска во Скопје.

Филозофскиот факултет ја објави тажната вест:

,,Во голема жалост ја споделуваме веста дека денес, на 90 годишна возраст, почина академик Георги Старделов, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и науката за убавото.


Академик Георги Старделов e роден во Гевгелија, 28 август 1930, филозоф, естетичар, есеист, книжевен критичар, антологичар, теоретичар и историчар на културата. Дипломирал на Филозофскиот факултет, на Катедрата за филозофија на Универзитетот во Белград (1953). Докторирал Филозофија на Универзитетот во Скопје (1965). Професор е на Филозофскиот факултет во Скопје (1966–1995), и негов декан (1975–1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977–1981), претседател на Филозофското друштво на Македонија и на Југославија, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на македонскиот ПЕН центар. Почесен член е на Друштвото на уметници во Шпанската кралска академија и редовен член на Европската академија на науките и уметностите. Професор гостин е на неколку југословенски, европски и американски универзитети“-се вели во објавата на Филозофски факултет.