Вработениот во Државен архив ,,случајно“ додал три нули на набавката за кетеринг

,,По опсежните разговори со вработените во финансискиот сектор на Државниот архив е утврдено дека лицето одговорно за јавни набавки направило наводно ненамерна грешка додавајќи на сумата за кетеринг предвидена за цела 2020 година уште 3 нули. Со тоа сумата од 300.000 која е предвидена за кетеринг на изложби, промоции и гости од странство, кои и не мора да бидат потрошени, станале 300.000.000 (триста милиони денари). Тој и самиот го призна тоа и против него веднаш е поведена дисциплинска постапка за несовесно работење“ – изјави директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески.

Вкупниот годишен буџет на Државниот архив е околу 2,5 милиони евра, така што не може за кетеринг да се планираат 6 милиони евра.
Граѓаните треба критички да ги примаат информациите на јавните мрежи, бидејќи веста за 6 милиони евра за кетеринг е нелогична, вели Крстески.

Вчера, некои портали објавија вест дека Државен архив спроведува јавна набавка за кетеринг од 6 милиони евра.

Веста експресно се рашири низ социјалните мрежи, а директорот Крстески веднаш реагираше дека нема логика во информацијата и дека случајот веднаш ќе биде истражен.

АКО.мк