Вработените од Пивара Скопје на заедничко книжевно матине со младите од СОС Детско село

Вработените од Пивара Скопје и младите од СОС Детско село, на заедничко дружење, со низа активности, го одбележаа годинешниот Меѓународен ден на жената – 8-ми Mарт.

„Среќни сме што повторно имаме можност на овој начин да го одбележиме денот посветен на зацврстување и унапредување на улогата на жената во општеството. Вработените на Пивара Скопје уште еднаш покажаа подготвеност и желба да помогнат, овој пат на младите луѓе од СОС Детско село, со активности интересни и поучни за нив кои ќе им помогнат и ќе ги мотивираат на нивниот пат кон прераснување во здрави и одговорни индивидуи. Горди сме на компаниските вредности кои ги негуваме и остануваме посветени на обезбедување активен придонес во унапредување на квалитетот на животот на заедницата и градење квалитетно и инклузивно општество за следните генерации“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје.

Најновата волонтерска акција се состоеше од емитување краток документарец посветен на историјата на Денот на жената, квиз, како и работилници на кои младите од СОС Детско село и волонтерите од Пивара Скопје читаа инспиративни приказни и разговараа.

„Соработката и пријателството со Пивара Скопје и понатаму продолжуваат, што нѐ прави особено среќни. Денешната размена на искуства, заедничкото учење и разговорите со луѓе успешни во своите професии, за нашите тинејџери се од големо значење и претставуваат вистинска поддршка и правилен поттик и насочување кон понатамошна успешна и самостојна иднина“, изјави националниот директор на СОС Детско Село Македонија, Јулијана Гапо.

Ова е уште еден од низата проекти кои се резултат на соработката меѓу Пивара Скопје и СОС Детско село. Минатата година, жените од сите работни позиции во Пивара Скопје го одбележаа Меѓународниот ден на жената заедно со најмладите од СОС Детско село, кога под мотото „Садиме љубов“ заеднички засадија цвеќе и други декоративни растенија за разубавување на амбиентот во дворот на СОС Детско село Скопје. Волонтерите од Пивара Скопје се дружеа со децата од СОС Детско село и за време на новогодишните празници, кога заедно подготвуваа традиционални новогодишни колачиња.