Вработен во МВР добил диплома од Славјански Институт од Свети Николе без да се појави на испити

СВР Куманово поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела, до ОЈО Куманово поднесе кривични пријава против лицата М.Б.(33) од Куманово Б.С. (36)од Свети Николе, генерален директор на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе; Д.Н. (71) од Пробиштип, ректор на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе; правното лице Меѓународен Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе и В.М.Н. (59), вработена во Државниот просветен инспекторат на Р.Македонија на работно место Советник – Државен просветен инспектор.

Притоа, М.Б. се сомничи дека сторил едно кривично дело “употреба на исправа со невистинита содржина“, Б.С. и Д.Н. и пријавеното правно лице се сомничат за сторени две кривични дела “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “фалсификување исправа“, а пак В.М.Н. за сторено едно кривично дело “несовесно работење во службата“.

Според документираните сознанија од истрагата М.Б. на 25.09.2009 година потпишал договор за студирање на приватна високообразовна установа Меѓународен Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, на Факултетот за економија и организација на претприемништво за учебна 2009/2010 година за што му било оформено досие, а во текот на 2010 година заминал на привремена работа во Авганистан.

Во временскиот период од 25.09.2009 година па се до 04.12.2012 година првопријавениот од задолжителни 33 предмети за предвидени 4 студиски години и 8 семестри вкупно нерегуларно положил 24 предмети од кои на 19 испити не присуствувал бидејќи бил надвор од Р.Македонија, пет предмети ги положил пред да биде запишан во образовната институција (иако тие не биле предвидени во учебниот план и програма), еден предмет го положил два дена по запишување во образовната институција, а за останатите осум предмети присуствувал на полагање.

Б.С., Д.Н. и правното лице со намера даму овозможат да се стекне со Уверение за завршен Дипломиран економист – Менаџмент на организација, во временскиот период од 25.09.2009 година до 04.12.2012 година ја злоупотребувале службената положба и овластување, на начин што изготвиле и потпишале 24 пријави за испит со невистинита содржина дека наводно првопријавениот бил присутен на полагање и ги положил испитите во редовна постапка, а Д.Н. на 24.05.2013 година му издал и потпишал невалидна Диплома.

М.Б. ваквата диплома ја употребил како вистинска и на 24.12.2014  година, без претходно објавен јавен оглас бил вработен во МВР на РМ со Договор за вработување на неопределено време на работно место – приправник во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на РМ, а од 01.10.2015 година со Одлука на Комисијата за распоредување и унапредување на работни места во Управата за безбедност и контраразузнавање со Решение е унапреден на работно место.

В.М.Н. пак, во својство на советник –Државен просветен инспектор на 22.09.2017 година при вршење координиран вонреден инспекциски надзор во соработка со полициски службеници од СВР Куманово на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе составила лажен Записник при што констатирала дека четири испитни пријави се спорни од кои три по однос на недоволно пишани бонус бодови за положен испит, една испитна пријава дека е непотпишана, а не ги земала во предвид пријавите за предвремено положени пет испити впишани во студентското досие за период додека М.Б не бил запишан на образовната установа со крајно образложение во Записникот дека по однос на наводите наведени во барањето на СВР Куманово нема констатирано неправилности и предметот се заклучува, соопшти МВР.