По повод 100 годишнината од  раѓањето на доајенот на македонската песна, неповторливиот Никола Бадев, во новиот музеј во Кавадарци викендов беше отворена спомен соба.

Бадев е  бард на македонската изворна музика, легенда, човек кој високо ја крена и прослави старата македонска песна , оставајќи длабоки траги во македонското културно наследство,изјави пред присутните директорката Весна Ѓорѓиева.

– Никола Бадев е исклучителна личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство.  Ја обиколи земјата и светот многу пати, беше вистински народен пејач, национално име,  имаше сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија, нагласи Ѓорѓиева.

Роска Бадева,ќерка на доајенот,на свеченоста се заблагодари за отворање на ваква спомен соба,  која според неа е огледало на неговата душа.

-Во Спомен собата се презентирани голем број на предмети. Педесет фотографии (семејни, од настапи, гостувања и патувања), лични предмети меѓу кои бројаници, часовник, копчиња за манжетни, како и инструменти,гитара, примче, негови лични документи, постери, сребрена и златна плоча, награди и признанија.Во Музејот има и видео ленти, касети , камери, фотоапарати, статуи и бисти, народна носија , кои долги години ги чувале неговите ќерки Роска и Сузана Бадеви кои подоцна ги донирале на Музеј галеријата.

Бадев е роден на 26  октомври 1918 година во кавадаречкото село Глишиќ  и веднаш по аудицијата за млади таленти во 1948 година, дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што ја започнала неговата кариера како уметник, а подоцна станува и една од легендите на македонската народна песна.

За МРТВ има снимано над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници. Починал  во Скопје на 58 годишна возраст.

Б.Т.