Врховните судии му откажале послушност на Јово Вангеловски

Врховните судии не ги прифатиле двата предлога на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ставени на маса на денешното продолжение на општата седница на највисокиот суд, едниот да се прогласи дека бомбите од прислушуваните разговори не може да се користат како доказ во кривична постапка, а другиот  Специјалното обвинителство да се прогласи за неовластен орган да поднесува Барање за заштита на законитоста , пишува порталот СДК. Врховните судии одбиле да кренат рака и да гласаат „за“ по предлозите или т.н. реферати поднесени од Вангеловски, дознава овој портал.

Според информации на порталот, дел од Врховните судии во овој текст поднесен од претседателот на Врховен суд Вангеловски, препознале текст пишуван од Јавниот обвинител Марко Звлевски.

Исто така, кај дел од врховните судии се појавил сомнеж дека претседателот Вангеловски од лични причини го составил и го ставил на разгледување и гласање таквиот реферат, мотивиран, како што велат тие, од тоа што и тој се спомнува во прислушуваните разговори како договара некоја работа со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Други препознале текст напишан од обвинителството на Марко Зврлевски и од адвокатот на обвинетиот експремиер Никола Груевски, Никола Додевски кој е бранител и на останатите највисоки функционери од ВМРО-ДПМНЕ во постапките што ги води СЈО.

Никола Додевски беше подносителот на иницијативата до Основниот суд Скопје 1 бомбите да се прогласат како неважечки докази во постапките што се водат пред судовите.