Вучиќ како Марика

Српската влада предводена од премиерот Александар Вучиќ деновиве престојува во Ниш од каде ги извршува своите задачи. Целата влада е сместена во касарна, каде ноќеваат и се хранат, а дење крстарат низ околината решавајќи им ги проблемите на граѓаните ,,од нога”.

Информативните емисии на српските медиуми буквално се преплавени од секојдневните активности на Вучиќ, а на пример Јавниот сервис РТС сите вести ги почнува со него и во безброј варијанти, речиси целиот термин го полни со активностите на хиперпродуктивниот премиер. Во една информативна емисија може да чуете дека Вучиќ присуствувал на некој настан, одржал говор, пуштил во употреба некоја фабрика, посетил градилиште, ги искарал своите соработници, им се развикал на новинарите…како Марика од познатите детски сликовници во минатото.

Низ социјалните мрежи кружи видеото со викањето на Вучиќ, кој изваден од такт, го кара нишкиот градоначалник, пред целата придружба, за долговите што ги направила општината.

Овој неверојатен однос на Александар Вучиќ за српската јавност не е ништо ново, бидејќи тој на владините седници ги дисциплинира буквално како мали деца. Ги исфрла од седница ако прозборат меѓу себе, ги опоменува со викање, им наредува да ги исклучат своите мобилни телефони…

Српскиот премиер е неверојатен популист. Тој за време на поплавите, беше насекаде. Спасуваше од надојдените води, носеше вреќи цемент, додаваше градежен материјал од рака на рака, а луѓето околу дојдени да ги средуваат работите, повеќе беа ангажирани околу Вучиќ, отколку за тоа што се дојдени.

1.200 луѓе во Ниш се пријавиле да разговараат со премиерот. Тој седнат во канцеларија во општината, ги прима и ги сослушува, а потоа им ветува помош. Луѓето чекаа цел ден во огромна редица.

Една жена му побарала стан, друга работа, трет се пожалил дека нема пари за лекови, четврт…а Вучиќ ги слуша и им ветува.. Српските медиуми известуваат дека се задоволни и оние на кои им ветил нешто, но и оние на кои не можел да им вети. Биле среќни што ги ислушал.

Со својата хиперактивност, Вучиќ праќа порака дека се во државата зависи од него. Останува само да дојде денот кога во живо, преку мобилен телефон ќе почне да им ги решава проблемите на луѓето. Се разбира, давајќи им наредба на неговите потчинети чиновници, за да чујат сите.

Е.Л.