Со свечен прием во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера им посака добредојде на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на Северноатлантскиот совет на НАТО, кои се во дводневна посета на земјата. Генералниот секретар Столтенберг ја предводи делегацијата од 29-те амбасадори на земјите членки на НАТО во Брисел.

На приемот што го приреди претседателот Џафери, присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, кој ја предводеше владината делегација, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.

Претседателот Џафери, во своето поздравно обраќање изрази задоволство што е домаќин на Северноатлантскиот совет, што за нашата држава претставува своевидно признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.

Со церемонијата и пречек на платото на Владата на РСМ, започнува работниот дел од посетата на НАТО делегацијата предводена од Генералниот секретар.

Следува билатерална средба на делегациите предводени од Претседателот на Владата на РСМ Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, со амбасадорите на Северноатлантскиот Совет и министрите во Владата на РСМ.

Со работниот дел на Северноатлантскиот Совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Влада на РСМ, што ќе се ќе се одржи потоа, ќе претседаваат Претседателот на Владата г. Заев и ген. сек г. Столтенберг, по што ќе следува и нивната заедничка прес конференција.

Во текот на денот, Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.