ГеноциДУИ?!

Од проф.д-р Катерина Тодороска

Последниве денови сме сведоци на потребата од поттикнување на меѓуетнички немири во РМ.

Лично, честитам на умешноста на советниците на криминалците од ДПМНЕ кои успеаја борбата за заштита на криминалот на неколкумина ДПМНЕ-јци да го заменат со апсурдна меѓуетничкча тензија. Истите тие, наметнаа тензија во која се повикуваат на едно писание кое, уште со време го нарековме непотребно во момент кога се прокламира потреба од излез од длабока политичка криза.

Не еднаш нагласивме, и еве повторуваме, дека Платформата на Албанците, која сега омекна во Декларација, а утре не знам што, се користи за потпалување на пузата на национална основа.

За оние што не знаат, ПУЗА во македонскиот јазик е жарче кое на времето го запретувале во мангалот, за следниот ден од него да потпалат нов оган.

Пузата во Македонија е постојано чувана во пепелта од ДПМНЕ и ДУИ. Нивното „братство“ е повеќе од видливо, но нејасно е зошто чесните членови на ДУИ и другите  партии на Албанците се нафатија да го одржуваат во живот нивниот „политички брак“?

Како и да е, повикувањето на кукавичкото постизборно јајце, кое сега се брани со објаснувањето дека е компилација на неколкуте предизборни програми, не наведе уште еднаш да го кажеме нашиот став по едно од прашањата во т.н. Платформа на Албанците.

Имено, кога пишувачите на ова гротескна Платформа побарале „усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912-1956“ покажале дека се целосно историски НЕПИСМЕНИ.

Македонците и Албанците биле под истата османлиска власт до 28 ноември 1912 година кога била прогласена независноста на албанската држава, а претседател на Привремената албанска влада станал Исмаиљ Ќемаљи. Значи, на пишувачите требало да им биде јасно дека 1912 година никако не требала да влезе во таа историска рамка. За разлика од западните соседи кои го имале австро-унгарскиот мецена,, Македонците не биле толку среќни во 1912 година.

За волја на вистината, дел од албанската територија продолжила да опстојува како самостојна територија под власт на Есад Паша, а кој соработувал со српските власти. Следствено на тоа, дел од албанската територија била запоседната од српски војски. После Букурешкиот договор од август 1913 година српската власт била инсталирана и во Вардарска Македонија. Со цел да се ослободат од новата туѓинска власт во септември 1913 година било кренато заедничко македонско-албанско септемвриско востание.

Во 1914 година започнала Првата светска војна во која албанскиот народ немал нималку поразлична судбина од онаа на македонскиот, а после нејзиното завршување била создадена нова држава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Вардарскиот дел на Македонија бил дел од овој државен субјект до 1929 година, кога Кралството СХС се преименувало во Кралство Југославија.

И се до почетокот на Втората светска војна, кога вардарскиот дел од Македонија бил окупиран од италијанско-албански војски (западниот дел на Вардарска Македонија) и бугарски војски (источниот дел на Вардарска Македонија).

После завршувањето на војната, Вардарска Македонија станува една од федералните единици на југословенската федерација се до осамостојувањето во 1991 година. Во тој период, сите решенија биле носени во Белград, а аминувани од републичките политички кругови.

После сето ова, бескрајно грубо, кусо и лито објаснување на историските случувања во периодот 1912 до 1956 година, останува нејасно што е барањето во писанието наречено платформа во однос на усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периосот од 1912-1956?

Кој, кого, кога, кому, зошто…… се само дел од прашањата на кои, ендемците – професионални историчари, одговараме во нашите трудови. Наместо заклучок ќе речам, дека ова писание т.н. платформа најмногу одговара на народната „Брза кучка, слепи кучиња раѓа“.

 

Мојата потреба да верувам во Македонија како држава на сите нејзини жители секако се коси со потребата на раководството на ДУИ да го прикрива вистинското лице на неколкумина од ДПМНЕ, а со тоа и вистинското сопствено. Во спротивно, уште утре би седнале во Собраните, би го повикале „џаџи“ Бранко да ја продолжи првата седница на Собранието која би завршила со избор на претседател на Собранието на РМ. Следниот чекор е избор на ВЛАДА, да господа од ДУИ, ВЛАДА на РМ, нешто што им должите на македонските граѓани, оние кои сакаат демократска Македонија. Тоа е независно од вашиот став, колку и да сакате да го штитите ДПМНЕ.

Доколку прифатиме дека Платформата е кукавичко јајце за спас на Груевски останува прашањето – Народе, подготвени ли сме за уште една тортура со повици со дневно – политичка вредност?

 

АКО.мк