Глава од искасапен коњ ја онеспособи пречистителната станица во Струмица

Оваа вознемирувачка фотографија од остатоци од искасапен коњ, ја откри неверојатната причина за онеспособениот пречистителен систем на отпадни води во Струмица.

Глава од коњ во пречистителната станица во Струмица, фото-СДК

Како што објави порталот sdk.mk , деновиве во системот за фекална канализација на Струмица, се фрлени парчињата од искасапен коњ, што предизвикало краток застој на работата на Станицата за прочистување на отпадните води. Остатоците заглавиле на влезната решетка на станицата, што пак предизвикало и материјална штета. Веста за СДК ја потврдија од струмички Комуналец и информираа дека дефектот се санира.

„Беа заглавени остатоци од коњ, што предизвика оштетувања на грубата влезна решетка која работи на електромотори. Беа заглавени коски, главата од животното, внатрешните органи. Целиот настан е пријавен кај комуналниот инспектор на општината. Изненадени сме од ваквата непромислена постапка и апелираме до граѓаните за совесно и одговорно однесување кон канализациската мрежа“, изјави Митко Зимбаков, раководителот на станицата при струмички Комуналец за сдк.мк , додавајќи дека на истата решетка пред неколку месец биле заглавени две мртви кучиња.