Главниот внатрешен ревизор на УКИМ доби отказ од ректорот

 

 

Од страна ректорот на Универзитетот ,,Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, донесена е Одлука  за давање на отказ на договорот за вработување на Главниот внатрешен ревизор на Универзитетот-  м-р Лилјана Попчева на 28.11.2018 година.

Оваа одлука е огласена на огласна табла, а како причина за отказот е наведено кршењето на работна дисциплина.

Меѓутоа, Попчева смета дека главна причина  е нејзиното несогласување со последниот ревизорски извештај меѓу неа и ректорот.

,,Причината за изрекување на отказот е давање на мислење во ревизорски извештај во последната ad hoc ревизија, бидејќи ревизорското мислење  не се совпадна со очекувањата на ректорот. Поради тоа бев изложена на дополнителни притисоци и професионална дискредитација, а целата постапка тенденциозно беше водена во насока на компромитирање на мислењето дадено во ревизорскиот извештај, преку обезбедување на дополнителни  мислења од страна на Комисијата за финансии и Комисијата за нормативна дејност, кои немаат надлежност ниту компетенции да оценуваат ревизорски извештаи“-вели Попчева. 

Таа додава дека проблемот на нетрпеливост има долга историја:

,,Со оглед дека проблемот кулминираше со последната ревизија, а има генеза две години наназад,  со континуирани и системски постапки преземани од страна на ректорот се оневозможуваше работата на внатрешната ревизија преку: укинување на пристапот до бази на податоци и нформации, забрана за присуство на седници, забрана за свикување на завршен состанок за ревизија, одземање на законските ингеренции во планирањето, извршувањето и известувањето и недоставување на потребната документација за спроведување на ревизиите, неодобрување на стручно усовршување со истовремено неосновано повикување на ревизорот на непрофесионалност и искажување на недоверба во стручноста на ревизорот.

Бидејќи сите овие постапки го повредуваа моето достоинство, интегритет и углед во ноември 2017 година, го замолив ректорот да ми ја потпише доставената спогодба за превземање на работник врз основа на барање од Државниот завод за ревизија, од каде што дојдов на Универзитетот, но ректорот одби да ја потпише спогодбата и продолжи со мојата деградација преку издавање на опомена за непочитување на работното време и бришење на Единицата за внатрешна ревизија од Нацрт Статутот на  Универзитетот“-тврди Попчева.

Отпуштената ревизорка не се согласила да потпише записник во кој е  констатцијата не одговарала на фактичката состојба. Таа веќе поднела тужба за мобинг.

,,Поттикната од последните случувања како и поради сите претходни постапки спротивни на Законот, пред надлежен суд поведов постапка за заштита од психичко вознемирување на работното место. Поради одредбата на член 30 од Законот за заштита од вознемирување на работното место – поведувањето на постапка за заштита од вознемирување на работно место, не може да биде основ за откажување на договорот за вработување, па заради тоа и го известив ректорот за оваа состојба“- вели Попчева.

АКО.мк побра одговор од ректорот на УКИМ, проф.д-р Никола Јанкуловски, со прашања упатени на неговиот официјален мејл на официјалната страница на ректоратот на УКИМ, но до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор.