[Рецензија: Европската Унија подготвува терен во Македонија за смена на власта]

Рецензираме пропагандистички текст за посетата на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски на Будимпешта. Неговата содржина, а уште повеќе манирот во кој е напишан соодветствува со ПР четиво за освежување на партиската веб-страница и за развеселување на партиското членство, но не и со сериозна политичка анализа за каква што е претставен.

Линк до оригиналниот напис: Европската унија подготвува терен во Македонија за смена на власта

Датум и време на објавување: 31.07.2019

Датум на рецензирање: 01.08.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

Насловот ја дава поентата на текстот:

Европската Унија подготвува терен во Македонија а смена на власта

Истовремено сугерира и како треба да се разберат содржините кои тој ги донесува. Од аспект на ПР текст маскиран во новинарска анализа на контекстот на посетата на лидерот на најголемата опозициска партија на Република Унгарија, ова е прифатлива стратегија, бидејќи насловот е тој што го привлекува вниманието и го формира мислењето на читателот, а „аргументите“ во текстот потоа треба само да се „проголтаат“. Но, пропагандата не е, и не може да биде сметана за новинарство колку и да се настојува таа да биде камуфлирана во новинарски текст.

„ДРЖАВНИЧКИ“ ПОЧЕСТИ 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера беше во официјална посета на Унгарија, на средба со премиерот Виктор Орбан и со други високи претставници на официјална Будимпешта. Унгарскиот домаќин го пречекал Мицкоски со сите државни почести.

Тврдењето дека унгарскиот премиер Виктор Орбан го пречекал Мицкоски „со сите државни почести“ во јавноста беше рутински и некритички пренесено од страна на голем број на медиуми што успеа да создаде впечаток дека навистина било така, давајќи му на тој начин државнички тон на овој настан што требало да сугерира дека домаќинот навистина го доживува гостинот од Македонија како државник, па макар и во најава. Сепак, ако се истражи малку заднината на ова тврдење, лесно може да се види дека се работи за лажна вест и дека Мицкоски не бил примен од страна на премиерот на Унгарија со „сите државни почести“ туку напротив, со нагласено неформални елементи на протокол, иако средбата се случила во резиденцијата на Орбан.

Имено, од видео-снимката која е приложена на текстот може да се забележи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и заменикот Николовски се пречекани од Орбан кој е во одело без вратоврска, со левата рака во џебот од панталоните кога им пристапува за да се ракуваат, а потоа следат снимки на кои тие го набљудуваат градот од терасата на резиденцијата, како и од масата на која се седнати двајцата гости од Македонија, заедно со Орбан и уште една личност. Со оглед дека вообичаена процедура на државни почести во поголем дел на земјите има стриктен протокол според кој се пречекуваат официјални високи претставници и тој предвидува многу строг дрес-код, начин на поздравување како и цела низа на државни почести кои најчесто подразбираат интонирање на државни химни на земјата на домаќинот и на гостинот, смотра на почесна гарда, како и други елементи кои варираат од држава до држава (црвен тепих на аеродром, почесни плотуни од определен број орудија, официјални банкети и сл.), од приложеното може да се заклучи дека Кристијан Мицкоски бил примен од Орбан во прилично неформална атмосфера, далеку од државни почести. На интернет, впрочем, можат да се најдат медиумски содржини кои покажуваат како унгарскиот шеф на влада ги пречекува официјалните државни претставници токму со сите наведени почести, нормално, со вратоврска и без рака в џеб, како што налага протоколот.

НАЈВЛИЈАТЕЛЕН ИЛИ НАЈКОНТРОВЕРЗЕН?!

Секако, пречекот во официјалната резиденција испраќа сигнал за блискост на унгарскиот десничарски шеф на влада и врвот на десничарската ВМРО ДПМНЕ, но тоа воопшто не е новост, посебно откако, по многупати манифестираната блискост на двете страни се случи бегството на осудениот екс-претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и негов азил одобрен токму од официјална Будимпешта.

Ниту останатите тврдења наведени во овој напис не можат да го оправдаат сугестивниот наслов. Осврнувајќи се на улогата која во Европската унија ја играат десничарските партии по изборите за ЕУ парламентот, во него се тврди дека

Многу важни европски функционери, во блиска иднина, ќе бидат заменети.

и дека

Засега останува да се види кој ќе го смени еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, како и кој ќе дојде на местото на Федерика Могерини, претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

па затоа можело да се заклучи дека

Со финализирањето на овие чекори, Европа влегува во една нова ера.

Сепак, од ова не може да се заклучи дека промените во ЕУ раководството неминовно ќе значат промена и на односот кон актуелната власт во Република Северна Македонија. Уште понесериозно звучи тврдењето дека ЕУ ќе се инволвира во промена на власта во државава, во која, како впрочем во секоја современа демократија власта се менува преку избори.

Во написот има уште неколку небулозни и неточни тврдења. Едно од нив е дека

Виктор Орбан е дел од европските десничари и моментно е еден од највлијателните политичари на Стариот континент. 

Вистината е токму спротивното – дека Орбан беше и останува еден од најконтроверзните политичари од ЕУ земјите, константно на мета на критиките за своите антиемигрантски постапки и реторика. Само неколку дена пред посетата на Мицкоски на Будимпешта, Европска унија објави дека ќе ја тужи Унгарија пред Европскиот суд во Луксембург за нејзините таканаречени „анти-Сорос“ закони, всушност контроверзни закони кои предвидуваат драконски казни за лица кои помагаат на мигранти.

ТРАМП ГО САКА ОРБАН, ОРБАН ГО САКА МИЦКОВСКИ!

Натаму, во текстот кој го рецензираме се тврди и дека Орбан добил силна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп за своите политики. Освен што ова тврдење нема врска со насловот, а уште помалку со Македонија, бидејќи САД не се ЕУ земја, поважно е да се разгледа заднината на поддршката на Трамп на Орбан.

Освен што и самиот ќе остане запаметен како американски претседател со најконтроверзни анти-емигрантски политики во историјата на САД, Трамп има неколку валидни причини да ги подобрува исклучително заладените американско-унгарски односи преку приближувањето со Орбан. Имено, унгарскиот премиер последен пат бил во Белата куќа во 2005 година што доволно зборува за неговата позиција во однос на американската дипломатија, но тој сепак беше и единствениот ЕУ државник кој му даде отворена поддршка на кандидатурата на Доналд Трамп на претседателските избори. Дополнително,според анализите од Вашингтон, приближувањето на САД кон Унгарија има конкретна стратешка цел-одвраќање на оваа источноевропска земја од отвореното „флертување“ со Кина и Русија.

Од сето досега кажано, заедно со малку комичното тврдење во написот што го рецензираме, дека не само европските, ами и американските политичари го сакале Мицкоски ! Како на пример,  Филип Рикер, бидејќи тој „по средбата со Христијан Мицкоски, изјави дека имал пријатен, искрен и отворен разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ“, може да се заклучи дека овој текст не е ништо повеќе туку партиска пропаганда без реална аналитичка, а уште помалку новинарска тежина.

(Овој текст е дел од проект финансиран од ЕУ
http://crithink.mk/gladna-kokoshka-proso-sonuva)