ГЛАСАЈ ПРОТИВ!

 

 

Чекајќи ги парите од Сорос, се соочив со една реалност, за која претходно, искрено, мислев дека е излитен шаблон, згодна приказна дека некој сака да ги контролира баш сите работи во државата. Па, мене? Зошто ? Нема причина.

И навистина, за многу работи нема причина, туку едноставно се такви и се случуваат.

Како поинаку да се објасни потребата некои работи да се одолговлекуваат, ете, заради тоа што на службеничката и се видело чудно или кусо името за невладината организација, преку која нели, треба да стасаат парите од Сорос.

Ова ми падна во очи откако беше објавено  дека во септември се формирани две здруженија од исти основачи со исто име Студентски пленум, јасно, со цел да се збуни јавноста кој е во случајот вистинскиот СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ,  тие, или оној што  се изнедри од најубавите и најдостоинствените студентски протести во историјата на оваа земја.

Така беше со сите контра-протести кои доведуваа и до комични ситуации, па митингарката, инаку учителка во штипско училиште, ќе ја даде онаа, исто така, ,,историска” изјава дека дошла да протестира да паднат овие и конечно ВМРО да дојде на власт.

Всушност, таа можеби ја кажа и најголемата, но и најболната вистина за симпатизерите и членството на оваа партија. А тоа е дека ВМРО ДПМНЕ суштински не е политичка власт, туку, врхушката на оваа партија, составена од фамилијарно-кумски врски, е Друштво со неограничена моќ и неодговорност, како што впрочем и  доликува на една организирана мафијашка структура, која ете сега е  фатена со рацете во медот, читај – парите на граѓаните, и  до гуша заглавена во кал и нешто што смрди и не се пере лесно.

Тажно е да се гледаат како ги носат на митинзи со уцени дека ќе ја изгубат работата, со притисоци – дека детето што им го вработиле ќе им остане на улица , со закана – сите наставници да се нацртаат затоа што директорот така наредил….

Со гласот ЗА ќе си ја продолжат агонијата и пак со наведната глава ќе ја одработуваат победата за спас на врхушката… и затоа треба да гласаат ПРОТИВ.

Оние што не ги интересира политика, со нивниот глас може да придонесат да прогледаат и да почне да ги интересира, затоа што таа ги крои и нивните, не само нашите животи. Затоа треба да гласаат ПРОТИВ апатијата во која живеат со неутралните очила дека сите се исти-и да проверат дали е тоа така.

Прашувам, дали е нормално да се гласа ЗА најголемата поделба и нетрпеливост направена меѓу граѓаните, дали е нормално да се гласа за продолжување на омразата меѓу комуњарите и вмровците, дали е нормално да се даде глас за тие што своите сограѓани ги нарекуваат индијанци, дали е нормално, да им се даде повторно државата во раце на тие што циганите ги влечат за уши да одат на гласање, дали е здраворазумски да му се даде доверба на тој што нарачува уривање, тепање, или ,, а војна да направиме”…….?

Никој политичар, па ниту Груевски, не ги донел парите од дома. Тоа се наши пари и нему му се доверени во неколку изборни циклуси да располага со нив одговорно и во име на сите, а не само по сопствено убедување и хир, и во име на неговите послушници и  потенцијални гласачи.

Неприфатливо е да се гласа ЗА тие што ги трошеле нашите пари, значи и на оние што не гласале за нив, за купување опрема за прислушување со која НАС не прислушувале, а потоа ја уништиле, и згора на тоа си зеле провизија. Затоа мора да се гласа ПРОТИВ.

Неприфатливо е пак да се гласа ЗА, за тој што ја воведе пропагандата како основно средство за информирање и згора на тоа ја плаќа со наши пари- туку,  мора да се гласа ПРОТИВ.

Ако некој има дилема дали повторно да заокружи ЗА- да се иселуваат младите затоа што не се гледаат како партиски војници, да се фрлаат наши пари на бесмислени споменици, за лажен барок, за уништување на коритото на Вардар и изградба на осумнаесет милионско панорамско тркало, за бездушност во здравството што ни ги одзема нашите Тамари, за претепан симпатизер до смрт на славенички митинг, за оставен прегазен сопартиец на патот…белким му станува јасно дека треба да гласа ПРОТИВ.

Гласот ПРОТИВ грабежот, аздисаноста, бескрупулозноста на поединци,  е  всушност глас ЗА збогум на ваквото владеење, раскрстување со суетната дружина која не трпи критика и на која и се единствено важни сопствената кожа и удобност.

И на крај, навистина сериозно треба да размислиме дали  хорхеовски ќе чекаме после 11-ти да дојде 12-ти декември, или ќе направиме мал чекор за нас, но голем за нашата иднина.

Ако не гласаме ПРОТИВ деструкција нема да знаеме дали сме гласале ЗА промени!

 

Емилија Лазаревска

 

(оваа колумна е прочитана 10.959 пати)