Гласањето во Америка се одвива непречено

 

Иселениците во Вашингтон денеска и официјално го отворија гласањето за предвремените парламентарни избори во Македонија.

 

Заменик – претседателот на избирачко место 5040 во Вашингтон во македонската амбасада во САД, Срѓан Хаџи-Николов, за Гласот на Америка потврди дека до 13 часот од 62 запишани гласале вкупно 15 гласачи, или 24%, одзив на гласачите.

Гласањето тече без прекин во мирна и демократска атмосфера.

Изборите ќе ја чинат Македонија 7, 5 милиони евра, што е досега најголемиот буџет предвиден за избори. За споредба, за претседателските избори во 2014-та, кои се спроведуваат според мнозински систем и во два круга, беа предвидени околу 4,5 милиони евра.

Од ДИК соопштија дека најмногу пари се трошат на материјали, печатење на ливчиња, обрасци и упатства, како и за транспорт, печати, паравани, хонорари и превоз и сместување на членовите на избирачки одбори.

Обединетата Македонска Дијаспора ги повика сите граѓани на Македонија со право на глас, со живеалиште во и надвор од татковината, да излезат и да гласаат на изборите овој викенд – 10-ти и 11-ти декември. Од ОМД посочуваат дека идната Влада ќе мора да се посвети на враќање на позитивната слика на Македонија во светот, како лидер во Балканот на сите полиња, идна членка на НАТО и ЕУ.

Глас на Америка