Гласањето за предвремените парламентарни избори практично започна

 

Со денешното гласање во просториите на Државната изборна комисија на 325 членови на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија, практично започна процесот на гласање на предвремените парламентарни избори.

Гласањето започна во 07.00 часот и ќе трае до 19.00 часот.

Откако ќе ја исполнат својата граѓанска должност, членовите на избирачките одбори ќе заминат во 41 дипломатско козуларно претставништво низ светот каде 20.629 граѓани кои живеат во странство и ги исполнија законските услови и нивните пријави беа прифатени, во сабота на 10 декемви ќе гласаат.

Со оглед дека за гласање во Токио, Њу Делхи, Атина, Астана, Каиро, Киев, Талин, Тел Авив и Солун се пријавиле по помалку од 10 граѓани, во овие девет дипломатско-конзуларни претставништва гласањето нема да се спроведе.

На предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 година, 20.591 граѓани своето гласачко право ќе можат да го остварат во 41 дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларни канцеларии, и тоа: Берн, Венеција, Детроит, Њујорк, Мелбурн, Рим, Љубљана, Виена, Торонто, Камбера, Чикаго, Берлин, Бон, Минхен, Париз, Белград, Копенхаген, Брисел, Лондон, Хаг, Стокхолм, Истанбул, Подгорица, Прага, Загреб, Осло, Тирана, Вашингтон, Анкара, Абу Даби, Отава, Приштина, Софија, Будимпешта, Сараево, Доха, Букурешт, Москва, Варшава, Пекинг и Мадрид.

Имајќи го предвид големиот број на пријавени гласачи во Берн (4256) и Венеција (2724), Државната изборна комисија одлучи во Берн да бидат отворени дополнителни три, а во Венеција дополнителни две избирачки места.

Гласање во Токио, Њу Делхи, Атина, Астана, Каиро, Киев, Талин, Тел Авив и Солун нема да има затоа што се пријавиле  помалку од 10 граѓани во секое од нив.

ДИК објави детални табели за бројот на пријави за сите избирачки места:
Берн 4256, Венеција 2724, Детроит 1170, Њујорк 1168, Мелбурн 1112, Рим1078, Љубљана 938, Виена 771, Торонто 717, Камбера 696, Чикаго 695, Берлин 585,Бон 579
Минхен 542, Париз 441, Белград 392, Копенхаген 371, Брисел 284, Лондон 282

Хаг 276, Стокхолм 259, Истанбул 189, Подгорица 166, Прага 159, Загреб 123, Осло 89
Тирана 84, Вашингтон 62, Анкара 45, Абу Даби 44, Отава 40, Приштина 39, Софија 36
Будимпешта 31, Сараево 31, Доха 30, Букурешт 26, Москва 24, Варшава 14, Пекинг 13
и Мадрид 10 пријавени избирачи од дијаспората кои ќе гласаат на 10-ти декември во сабота.

Бројката на пријавени гласачи, всушност, не е гаранција дека во деветтиот парламентарен состав ќе има пратеници од дијаспората. Освен од  одѕивот на избирачките места, односно од тоа колкумина од пријавените ќе се појават на гласање , одлучувачки е и тоа   колкумина од нив ќе гласаат за една кандидатска листа.

Измените во Изборниот законик, што произлегоа од политичкиот договор меѓу четирите партии, предвидуваат, практично, флексибилен праг за освојување пратенички мандат надвор од државата. Дијаспората ќе гласа според пропорционален модел, наспроти мнозинскиот во три изборни единици што беше применет во 2011 и во 2014 година. На партиските листи треба да има по тројца кандидати за пратеници, по што, практично, од одѕивот во шесте изборни единици во Македонија зависи дали воопшто ќе биде избран еден пратеник од дијаспората или ќе бидат пополнети сите три места.

Првиот кандидат на една листа ќе биде избран доколку таа листа освои најмалку ист број гласови со кои е избран пратеник со најмал број гласови во изборните единици во земјава. За избор на вториот кандидат би требало да има двојно, а за третиот тројно повеќе гласови. Доколку ниту една од листите не го добие потребниот број гласачи, тогаш нема да се избере  пратеник од кандидатска листа во дијаспората.