Гласници на вистината

Новинарска слобода значи вистинска новинарска автономија и независност. Во Македонија таа е институционализирана и во пракса е фалична. Кај нас постои слобода на медиуми, но таа слобода повеќе е за сопствениците на медиумите кои ја контролираат содржината, отколку што е слободата за новинарите.

Медиумите се ординарно средство за остварување на интереси. Цензурата и автоцензурата водат мртва трка за победа. Многу теми се забранети, нив никој не смее да ги споменува, а не пак да ги тематизира.

Политичко-општествената-културна релевантност како, до пред неколку години, критериум за селекција на информациите, заменета е со нов критериум, а тоа е заработката, забавата, сензацијата и многу често – баналноста.

Граѓаните се почесто изразуваат сомнеж во етичноста на сите новинари и веруваат дека новинарството е корумпирана и несериозна професија. Чинам, со право. Уредниците, наместо да ги штитат новинарите и уредувачката политика од сопствениците и притисоците „од горе“, го прават сосем спротивното. Тие се како некоја врста на чадор поставен наопаку, кој ја собира водата наместо да ја одбие.

Но, и покрај се, јас верувам во силата на професијата и нејзините темели. Затоа и тргнуваме по еден пат, пат наречен „Актуелно“. Тргнуваме на „патување“ исполнето со мноштво предизвици но со јасна цел и визија. Тргнуваме кон исполнување на нашата мисија.

А, нашата мисија е да покажеме дека е можно да се занимаваме со вистински независно новинарство од потполно политички-деловно и општествено неутрална појдовна точка и да покаже дека врвното професионално новинарство е можно и тука.

Ќе го протежираме новинарството како јавно добро, како чувар на демократските вредности, контролор на секоја власт, новинарство – веродостојно, одговорно, етичко и професионално, како жива материја која ќе биде во постојани потраги и еволуции кои, како што е и правило, ќе предизвикуваат општествени потреси и економски, социолошки, културолошки и технолошки промени.

Ќе бидеме темел за пофункционални, понормални, понезависни и попрофесионални медиуми какви што, можеби, еден ден ќе бидат сите во државава.

Ќе ги почитуваме професионалните стандарди и етичкиот кодекс и, сигурен сум, ќе ја здобиеме довербата на луѓето, на кои главниот извор на информации ќе им бидат токму оние медиуми кои своите известувања ги темелат на вистинитост, рамноправност, непристрасност, точност и објективност….

Македонија може да опстане само со вербата во правдата и вистината. Ако ги нема тие што се борат за вистината, а со самото тоа и за правдата, не би биле ни победите над неправдите, ниту некакво наше враќање на потполн граѓански, духовен и правен субјективитет.

Најтешко во животот е да истеруваш неправда и да бидеш гласник на вистината.

Додека постоиме овде до тогаш ќе постои надеж дека е тоа возможно.