Глогов колец за СЈО

Пишува: Емилија Лазаревска

 

Со секој нов ден, скандалот со бегството на Груевски, е сѐ поголем. Всушност, ова е еден од најголемите скандали во Македонија, по оној со прислушувањето на 20.000 граѓани. Воопшто, од осамостојувањето.

Никола Груевски е клучен фактор и во двата скандала. Во едниот е контролор на животите и судбините на илјадници луѓе, потоа главен осомничен во десетина судски процеси на СЈО, а во вториот бегалец поради затворска казна произлезена од  првиот скандал.

Никогаш до крај не ми беше јасно кој кого прислушувал, иако е  факт  дека малку замижувавме пред некои очигледни нелогичности, но, се навлековме на ,,бомбите“ онака како што ни беа презентирани, без притоа да бараме влакно во јајцето. Затоа што многу ни значеше да се промени аздисаната и корумпирана власт.

СДСМ дојде на власт  благодарејќи на тие бомби и на ништо друго. Дури, и значителен број на десно ориентирани гласачи, разочарани од разузданоста на братучедската двојка и најблиските соработници, кои ги киднапираа и партијата и државата, гласаа за СДСМ. Се приклучија на ,,Шарената револуција“ и си најдоа оправдување зошто ќе гласаат за ,,комуњарите’.

Со право, Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиески, Ставревски, Пешевски, Протуѓер, Канческа Милевска, ударната песница на ВМРО ДПМНЕ, станаа најомразените, најкритикуваните и најплуканите ликови во македонската политичка историја. Јавноста бараше правда. Нема правда, нема мир, ечеше по улиците.

Она што можевме да го слушнеме во бомбите, ни ги креваше желудниците, а што не сме слушнале, може да си замислите,  не знаеме ниту дека се случило.

Но, да не должам. Зошто се навраќам на овие познати факти?

Заради медиумите. Оние кои сега, не знам од кои причини, ни ги сервираат обвинетите за тешки кривични дела, како нормални соговорници, со кои си ,,часкаат“ за сѐ и сешто, најмногу за лошиот Груевски кој е виновен што им избега на функционерите од СДСМ и институциите на системот под нивно раководство, а не обратно.

За ваков скандал паѓа Влада, ако не сте знаеле господо од владата. Џабе сега везете. Не ве пере ниту Дунав, ниту Гордана Јанкуловска со сопругот и детето, со сѐ жена му на Миле Јанакиески и омилениот им лик од бомбите –Хипо, но без Чипо.

Јасен,но неприфатлив  е мотивот зошто се викаат по телевизии најблиските соработници на Груевски, обвинети за тешки кривични дела, кои се правени заедно и под закрилата на нивниот омилен тогашен шеф. Па сега, ќе ни раскажуваат приказни дека тие биле единствените кои му се спротиставувале, не се согласувале со негови одлуки, му рекле во лице, затоа ги фатил на заб….ма ајде ви се молам.

Тие треба да одговараат во судница, а не на телевизија.Па уште, пазете, се објавуваат фотографии од шминкерската сеанса пред настапот. Ало?! Не е тоа Карлеуша, туку Гордана Јанкуловска, се сеќавате, Зоки Шу праиш…!! Таа, Гоца.

Сѐ ќе сторат колегите за да извлечат некој лош збор повеќе за побегуља Груевскога. Иако, за волја на вистината, интервјуто што јас го гледав, занатски си беше со сите салтанати, но направено во погрешно време, со погрешен човек  и со сомнителна цел .

Интервјуата со озлогласените соработници на Груевски, сега и во вакви околности, се глогов колец за СЈО.

Несфатлива е леснотијата со која ѝ се овозможи на Јанкуловска цел ден да шета од една телевизија до друга и да раскажува дека таа работела во согласност со законите и дека, замислете, ја платила политичката цена со тоа што била разрешена од Собранието.

Не. Допрва треба да се плати цената и за МВРО-ВМРО, и за човечињата од Пустец, за расипаните лифтови, за шамарите во Центар, за милијардите изнесени на сметките во Белизе, за Скопје 2014, за мене, за тебе, за секој од нас. Со наши пари тоа го правеле. Со наши судбини си подигрувале. Не забораваме. Точка!

На овој начин се подриваат сите напори и обвиненија на СЈО, се прави атентат на судските процеси кои се во тек, а свесно или не, се даде простор Јанкуловска да се прикаже како жртва на Специјалното јавно обвинителство.

Јавноста сега, ја слушна само страната на обвинитетата Јанкуловска, но не и аргументите за обвинението на обвинителството. И ние не ги знаеме доказите, бидејќи тие се за во судница, а не за пред камери. СЈО тоа да го направи ќе ги урниса судските процеси. Не смее. Јанкуловска еве смее, и здушно ѝ се овозможува тоа.

Каков заклучок ќе си извлече мнозинството што немаат доволно информации, кои не ги знаат сите околности, кои не ги разбираат во крајна линија и кои се противници на СДСМ?

Дека е политички прогон. Многумина тоа и го мислат, а ова само ќе ги доувери во нивното мислење.

За разочараноста пак на другите кои очекуваат правда, а не интервјуа по телевизии, претпоставувам знаете.

Потребата да се оцрни Груевски за сопственото бегство, Јанкуловска совршено ја искористи, во свој стил не сум од тука,  ѝ порача дека таа е невина, добро може тук-таму нешто направила спротивно на својата волја, заради лошиот Груевски, и порача дека над неа три години се спроведува политички прогон и терор.

Значи, СДСМ преку СЈО врши политички прогон. Ете тоа го кажа Јанкуловска. И уште порача да се консолидира ВМРО ДПМНЕ, за да падне оваа….сакаше да рече ненародна власт, ама ѝ текна, па промумла-оваа власт бидејќи нема резултати. Е па убаво ви рече. Па вие перете ја уште.

Шамар, поголем од оној за Жерновски.

Па навистина, драги мои, кој го ова смисли и кој го ова направи?

 

АКО.мк